Проф. д-р Урош Ахчан: Добрата хирургија не го менува идентитетот, туку го враќа животот

Од:

Проф. д-р Урош Ахчан, едно од најпрепознатливите европски имиња во пластичната, реконструктивната и естетската хирургија, е лекар чија работа е синоним за врвна експертиза, прецизност и доверба. Зад неговата долгогодишна кариера стојат илјадници успешни интервенции, но и препознатлив пристап во кој естетиката и реконструкцијата одат рака под рака. Едно од последните достигнувања на д-р Ахчан е тотална реконструкција на нос направен со 3Д модел и користејќи само ткиво од подлактницата на пациентот. Моментално, д-р Ахчан оперира во Медицинскиот центар Дунајски кристали, единствена македонска инвестиција во приватниот здравствен сектор во странство, зад која како инвеститор стои Зоранчо Митровски. Во време кога пациентите сè повеќе бараат врвна услуга, сигурност и доверба, неговото присуство таму отвора и поширок разговор за современите стандарди во медицината, но и за новите очекувања кога станува збор за естетската и реконструктивната хирургија. Во продолжение, со проф. д-р Ахчан разговараме за убавината, одговорноста, довербата и за тоа што навистина значи добрата хирургија денес.

  1. Прашање: Проф. Д-р Урош Ахчан, важите за едно од најпрепознатливите имиња во Европа во областа на пластичната, реконструктивната и естетската хирургија. Што ве мотивира и денес во оваа професија, по толку години искуство во неа?

Хирургијата е многу слична на врвниот спорт. Како и кај спортистите, животот е исполнет со откажувања, посветеност, многу работа и постојано размислување за нови техники и како да се постигне најдобриот можен резултат. Покрај целосната подготвеност, потребни се и максимален фокус, страст и различни емоции. Едноставно, хирургијата е начин на живот. Разликата со спортистите е што ние не се натпреваруваме со противници или со времето, туку со болести и повреди. Исто како и спортистите, се стремиме кон најдобри резултати, но за нашите пациенти: да им го промениме животот и да им ја вратиме насмевката на лицето. Тоа е најголема сатисфакција и нешто што ги заменува медалите и пехарите.

  1. Прашање: Во јавноста, естетската хирургија често се поврзува само со разубавување, но вашата работа покажува дека таа има многу подлабока, реконструктивна и важна животна улога. Колку е важно луѓето навистина да го разберат ова?

Претставувањето на пластичната хирургија во медиумите и во јавноста е во голема мера погрешно. Кога ќе се спомне пластична хирургија, најчесто пред очи ни излегуваат лоши резултати: преголеми гради, нагласени усни, затегнати лица. Но тоа е сосема спротивно од она што навистина значи пластичната хирургија. Таа се развивала особено за време на светските војни, кога пластичните хирурзи, со различни техники, особено со микрохирургија, успевале да ја вратат и функцијата но и естетиката кај пациентите. Во пластичната хирургија се користат различни материјали, технологии, микроскопи, ласери и современа опрема. Се работи на сите делови од телото и со пациенти од сите возрасни групи. Пластичната хирургија опфаќа и микрохируршки реконструкции по рак, како и реплантации по повреди и ампутации. Вклучува и комплексни операции кај изгореници, како и естетска хирургија, која претставува посебен предизвик и преку која може значително да се подобри и квалитетот на животот на пациентите и да се постигне големо чувство на среќа.

За жал, во медиумите најчесто се прикажуваат само негативни примери, изобличени лица и тела, што создава погрешна слика за целата професија.

  1. Прашање: Живееме во време на филтри, социјални мрежи и нереални стандарди за убавина. Дали денешните пациенти се поинформирани или всушност позбунети од кога било досега?

Животот во време на филтри, социјални мрежи и нереални стандарди за убавина, со постојано подигнати очекувања и цели, е многу комплексен и тежок. Во таков свет, сè е измешано. И важното и неважното, па затоа животот, особено за младите и неискусни луѓе, може да биде многу тежок и предизвикувачки. Младите сè уште немаат стекнато доволно искуство за да разликуваат што е навистина важно, а што помалку важно. Тоа најчесто се сфаќа во моменти на болест, кога човек ќе увиди за колку работи за кои сме се нервирале всушност се небитни и не влијаат суштински на нашиот живот. Во животот најважни се здравјето, семејството, пријателите и основните вредности. Здравата храна, слободното време, добра книга, концерт или спортски настани, се како зачин за животот кој му дава боја и го разубавува секој ден. Тука се потсетувам на една мисла од филмот за Тома Здравковиќ: „Не е важно колку ќе го развлечеш животот, туку колку живот ќе внесеш во секој ден.“ 

  1. Прашање: Кога пациент ќе дојде кај Вас, што е поважно: она што го кажува со зборови или она што длабоко во себе сака да го промени, но понекогаш не знае ни самиот како да се изрази? Која е и колкава е Вашата улога кога се појавуваат ваков вид на дилеми?

Секој пациент кој доаѓа кај мене, доаѓа кај стручно лице со искуство. И тоа не само со искуство и познавање на различни хируршки техники и материјали, туку и со богато животното искуство. Затоа, најпрво е важно пациентот внимателно да го слушнеме и да разбереме што навистина е неговиот проблем. Потоа можеме да понудиме различни можности од кои пациентот сам избира и одлучува. Секоја понудена можност има свои предности и ограничувања, па најважно е очекувањата да бидат реални. Само така можеме да ги исполниме желбите на пациентите. Најважна е нашата советодавна улога, особено кога станува збор за млади и неискусни луѓе. Треба јасно и искрено да им објасниме што може да се постигне со зафатот, но и кои се ризиците и предизвиците. 

  1. Прашање: Често нагласувате дека добрата хирургија не е само прашање на техника, туку и на мерка. Колку е важно хирургот да знае кога на пациентот треба да му каже „не“?

На пациентот секогаш му кажувам „не“ кога ќе сфатам дека очекувањата се нереални и дека неговите желби не можат да се остварат со хируршки зафат, техники или со моето знаење. Дури и кога нешто е технички возможно да се изведе, како на пример прекумерно зголемување на градите, јас не го правам тоа, бидејќи знам дека подоцна во животот може да предизвика проблеми и да му наштети на телото и на квалитетот на животот на долг рок. Затоа, во мојата кариера никогаш не сум извршил зголемување на глутеалниот дел (т.н. „Бразилски задник“), бидејќи верувам дека оваа техника може да го влоши квалитетот на животот на долг рок. 

  1. Прашање: Реконструкцијата на дојка е една од темите по кои сте особено препознатливи. Колку ваквиот зафат не го менува само телото, туку и самодовербата, психолошкото закрепнување и квалитетот на живот?

Реконструкцијата на дојка е еден од моите омилени зафати, особено реконструкцијата со микрохируршки техники, вклучително и со примена на 3D технологија, каде што можеме да направиме копија на соседната, здрава дојка. Овој зафат може да се изведе во ист акт, кога онкологот го отстранува заболено ткиво, а ние истовремено ја реконструираме новата дојка. Но, може да се направи и подоцна, во било кој период од животот, откако ќе заврши онколошкиот третман. Постојат повеќе опции, за секоја од нив детално разговараме со пациентките, по што тие самите одлучуваат што е најдобро за нив.

Враќањето на телото во состојба каква што било пред дијагнозата на рак на дојка има огромно значење за жените. Знаеме дека во современиот свет секоја осма жена во текот на животот ќе се соочи со рак на дојка, а на секои 17 секунди една жена во светот ја добива оваа дијагноза. Тоа значи дека секоја осма жена и секое осмо семејство се соочуваат со оваа тешка реалност. Затоа верувам дека лекувањето на ракот на дојка и реконструкцијата на дојка, се меѓу најзначајните нешта што можеме да ги направиме за подобар свет.“ 

  1. Прашање: Денес сè повеќе се зборува за природниот изглед и суптилните корекции. Можеме ли да кажеме дека најголемиот луксуз во естетската хирургија веќе не е драматичната промена, туку да се зачува природноста?

Живееме во различни делови од светот, а во секој од нив идеалите за убавина и желбите се различни. Во средината во која живееме ние, сметам дека премногу драматичните промени не се добри. Постојат и земји каде што естетската хирургија се доживува како статусен симбол, па се претерува со корекциите за да бидат видливи и за да покажат дека некој може да си дозволи такви интервенции. Но моето мислење е дека хируршките зафати треба да се прават така што човек ќе изгледа подобро и посвежо, но без да му се промени идентитетот. Бидејќи хирургијата не е натпревар во тоа кој може повеќе, побрзо или поекстремно. И секогаш треба да се има предвид телесната складност и природност.

  1. Македонските пациенти сè повеќе бараат врвни медицински услуги, но и доверба, дискретност и сигурност. Како можат да дојдат до вашите услуги македонските пациенти и да ве консултираат за совет или хируршки третман?

Имам многу пациенти од регионот, вклучително и од Македонија. Тие најчесто се јавуваат преку електронска пошта на Клиниката Јувентина или преку Здравствената установа Дунајски кристали. Лично не користам маркетинг и не сум многу активен на социјалните мрежи, бидејќи најголемиот дел од времето го поминувам во операциона сала, каде што можам да бидам најфокусиран и најефикасен, во интерес на пациентите. Најчесто, пациентите доаѓаат по препорака, односно преку споделени позитивни искуства. Пред две години ја напишав книгата „Скалпел“, која беше бестселер во Словенија. Книгата е преведена и на хрватски и на англиски јазик. Имам и многу пациенти кои ја читаат книгата, се запознаваат со мојот живот и начинот на размислување, ги разгледуваат и QR-кодовите со операции и резултати, па така можат јасно да заклучат што можат да очекуваат кога ќе дојдат во Љубљана.

  1. Прашање: Во последните години оперирате во Медицинскиот центар Дунајски кристали во Љубљана – медицински центар кој претставува редок пример на македонска инвестиција во странски приватен сектор. Како, хирург од ваш калибар се интегрира во ваков систем и што беше клучно за да работите токму во Дунајски кристали? Тимот, условите, технологијата или визијата зад самиот центар чиј инвеститор е македонскиот бизнисмен Зоранчо Митровски?

Во текот на мојата кариера имам работено во различни центри во Америка, Кина, Европа и низ целиот свет каде што сум одржувал предавања и изведувал демонстративни операции во живо. Секогаш имам истa цел – да работам со најдобрите можни соработници, со луѓе кои имаат врвна стручна подготвеност, кои се емпатични и кои ги делат истите вредности како и јас, да се постигне најдобар можен резултат за пациентот. Една од клиниките што особено ме импресионираa се клиниките  во Истанбул и во Доха. Лично сметам дека Медицинскиот центар Дунајски кристали е еден од најдобрите медицински центри во овој дел од Европа, со современа, модерна опрема и со тим кој се грижи на највисоко ниво за секој пациент. Визијата на центарот е пациентот да биде во прв план и секогаш да се бараат најдобрите можни решенија за да се исполнат неговите потреби и очекувања.

  1. Колку е важно за развојот на современи медицински центри во регионот да постојат иницијативи како оваа со инвестицијата на Зоранчо Митровски и што тоа значи за пациентите кои денес очекуваат европско ниво на услуга и нега?

Во сите области од животот, па и во медицината, здравата конкуренција е многу важна. Таа значи дека сите се натпреваруваат во квалитетот, во тоа што можат да понудат и да обезбедат за своите пациенти. Според мене, особено е важно да постои конкуренција меѓу јавниот и приватниот сектор, меѓу различните осигурителни компании и меѓу медицинските центри. Само така се постигнуваат подобри резултати и подобар однос кон пациентите. Кога пациентот нема можност да избира каде и како ќе се лекува, и сè е сведено на една институција и едно осигурување, тоа не поттикнува напредок. Напротив, води кон стагнација, долги листи на чекање и недоволно емпатичен однос. Затоа, секоја инвестиција во здравствениот систем е позитивна, отвора нови можности за пациентите и го поттикнува развојот. Со поврзување на различни системи и здравствени установи можеме да придонесеме кон подобро здравје на нацијата, што, според мене, е многу поважно од бруто-домашниот производ, по кој често се мери успехот на една земја. За мене, успешна земја е онаа која што има најмногу насмеани, здрави и задоволни луѓе, а не онаа која остварува најголем профит на крајот од годината.

 

 

 

Би можело да ве интересира

SupportKocani обезбеди донација на повредените во „Пулс“ за Клиниката за пластична хирургија

Катерина Ѓуровски

Пластичен хирург од Турција предизвика бурни реакции со своите зафати за трансформација

А1он

Лекарите бараат измени на Законот за јавно здравје за точно да се знае кој може да извршува естетски медицински интервенции

Исполнети условите за спречување интрахоспитални инфекции на Пластична хирургија

А1он