Промовирање на правото на достапност од перспектива на лицата со хендикеп, преку преземање конкретни активности за покревање на јавната свест на пошироката заедница, со цел прашањето на достапност да биде разбрано како право, не како бенефиција на лицата со хендикеп, е цел на проектот промовиран денес во Крива Паланка од страна на здружението „Хендикеп плус“ од Крива Паланка.
Во локалната установа Градски музеј Крива Паланка се одржа прес конференција на која Бранкица Димитровска од „Хендикеп плус“ говореше за активностите што ќе бидат преземени во претстојниот период на територијата на цела држава.
– Ние како здружение, заедно со други четиринаесет организации, формиравме национална мрежа која аплицираше пред фондовите на Европската Унија и добивме грант во висина од околу 300.000 евра, што согласно проектните предлози и активности на секое здружение беа распределени. „Хендикеп плус“ со идеја од висок ранг ќе работи во следниот период на подрачјето на Крива Паланка, Ранковце и Кратово на мапирање и обележување на непристапните институции, обележување на паркинг-места за лица со пречки во развојот, обуки на лица од општинската администрација и претпријатијата за познавање на правото на пристапност, како и останати активности со кои очекуваме да се подобри пристапноста на територијата на овие општини, како пошироката заедница да има повисок сензибилитет дека пристапноста претставува основно човеково право-не бенефиција, истакна Димитровска.
Според неа, по имплементација на активностите општинските локални власти не само декларативно, туку и оперативно треба да бидат доследни на решавање на проблемите на пристапност.
-Една од обврските на државата и општините, согласно ратификуваната Конвенција за човекови права, е да се обезбеди целосна пристапност и достапност, како на самата инфраструктура, така и на информациите и сервисите. И покрај тоа пристапноста во Крива паланка е на незавидно ниво. Од стратешки документи – општината нема документ со кој опфаќа прашање на пристапност, ниту има стратегија за обезбедување независен и просперитетен живот на лицата со хендикеп. Во речиси сите институции или нема пристапни рампи, или некаде се непрописно направени, а постојат поради обврска. Има лифтови во здравствениот дом, во дневнито центар, во училиштата, но истите не се сервисираат, додава Димитровска.
Очекува дека од овој проект ќе произлезат предлог мерки што ќе бидат доставени до општината за добробит на целата заедница.
На прес-конференцијата присуствуваше и градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, кој рече дека локалната самоуправа е само една од институциите кои носат одговорност за случувањата на локално ниво, но од аспект на национални политики Македонија има формирано национално тело кое е задолжено за имплементација на Конвенцијата за лица со посебни потреби.
– Оваа Влада прави огромни напори за подобрување на состојбите како на национално, така и на локално ниво. Ние како оптшина имаме пристапни рампа, што води кон едношалтерскито систем од каде службите ги преввемаат барањата и на странката и враќаат одговор, додека дел од институциите немаат пристапни рампи, ниту соодветни лифтови за оваа намена. Се надевам дека сите ние на институционално ниво ќе направиме многу повеќе во следнито период, изјави Мицевски.
Со „пристапноста – наше право“ планирано е да биде направен и прашалник поврзан со идентификуваните недостатоци во политиките на општината за пристапноста, со кој ќе бидат интервјуирани 50 лица со хендикеп, ќе се остварат средби со лица од општинската администрација и ќе се разгледаат политиките на локално ниво, а согласно согледаниет резултати на терен планирано е да биде испечатена и публикација со истите.