Подобрување на вработливоста и зголемување на учеството на родителите со мали деца на пазарот на труд преку унапредување на алтернативните услуги за згрижување деца, како лиценцирано домашно згрижување на деца и згрижување во рамки на компаниите.
Тоа се заклучоците од ЕУ проектот „Унапредување на алтернативните услуги за згрижување на деца“, имплементиран од конзорциум предводен од ВИГ, во вредност од 1,2 милиони евра. Главен корисник на проектот е Министерството за труд и социјална политика.
Советникот во кабинетот на Министерот за труд и социјална политика Душан Томшиќ, рече дека во рамки на проектот се спроведени четири национални истражувања со кои се опфатени 2.400 родители, 200 потенцијални згрижувачи на деца, 75 локални самоуправи и над 100 компании со повеќе од 50 вработени.
– Од страна на проектот се предложени осум нови услуги кои би требало да ги даваат компаниите за згрижување на децата на нивните вработени. Вториот тип се алтернативните форми на згрижување или нетипични јавни услуги за згрижување на деца, кои во исто време може да понудат вработување за самите родители. Има доста интересни модели кои се понудени и ќе се обидеме да најдеме соодветно финансирање, изјави Томшиќ.
Најави дека со ревидирање на активниот план и со Законот за социјално претприемништво, граѓанскиот сектор ќе има можност да аплицира за старт-ап грантови и да користи средствата кои се нудат преку активните мерки и да учествува во развој на услугите, кои не се однесуваат само на згрижување деца, туку и на стари лица.
Раководителот на секторот за соработка при Делегацијата на ЕУ Никола Бертолини, посочи дека ова не е лесна област и предизвикот е за мајките да добијат можност да работат, но и децата да можност за соодветен развој од рана возраст.
– Квалитетот на овој сервис е од голема важност. Предизвикот е како да се спроведе тоа. Во ситуација кога земјата нема доволно средства за оваа проблематика, не е лесно да се најдат брзи решенија, но постојат некои чекор по чекор подобрувања и ние сме подготвени да ги поддржиме, ако е потребно, изјави Бертолини.
Тим лидерот Мариус Хаулика, изрази надеж дека проектот ќе придонесе за подобрување на системот на детска грижа, бидејќи добро семејни политики, кои обезбедуваат соодветно згрижување на деца е неопходна основа за праведно и модерно општество.
– Беа развиени повеќе од 50 документи за развој на политики и препораки за подобрување на флексибилните услуги за згрижување на деца, кои беа разговарани со професионални организации и претставници од Министерството за труд и други владини агенции, рече Хаулика.
Во рамки на проектот се обучени и поддржани да се самовработат како домашни згрижувачи на деца вкупно 22 невработени жени, додека 12 компании со над 50 вработени се поддржани да воспостават услуги за згрижување деца во рамки на компаниите.