Собранието на Република Македонија денеска ќе ја продолжи 72. седница на која ќе се расправа за Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија во делот на дефинирањето на бракот како заедница исклучително меѓу маж и жена, поднесен од пратеници од владејачкото мнозинство.
На вчерашната дискусија пратеничките групи ги изнесоа своите ставови во врска со предлогот на ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеникот Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ, како претставник на предлагачите, посочи дека со Предлогот бараат уставно дефинирање на бракот како заедница меѓу еден маж и една жена, а децата без родители да можат да бидат посвојувани само од брачни двојки во кои ќе има еден маж и една жена или од самохрани родители.
СДСМ е против менување на Уставот, за прашања кои се веќе јасно и прецизно регулирани со закон, нагласи пратеничката Ана Павловска – Данева. Во 1996 година, потенцира таа, СДСМ како владејачко мнозинство го дефинираше бракот како заедница помеѓу маж и жена и тоа ниту било, ниту е спорно за СДСМ, ниту за било кој друг граѓанин во Република Македонија.
Според Сузана Салиу од ДУИ, Република Македонија има потреба од јасен и прецизен Устав што ќе ги избегнува сите дуализми при толкувањето, особено, истакна, екстремините кои предизвикуваат меѓуетнички раздор.
НСДП, рече пратеникот Горан Мисовски, смета дека се работи за прибирање дневно-политички поени и за да се побегне од реалноста.
Ивон Величковски од ЛП смета дека постапките на Владата не одат во прилог на тезата за заштита на бракот и семејството. Тој побара толерантен пристап кон различните групи, зацврстување на секуларните принципи и спречување на мајоризацијата во граѓанските, етничките и религиозни релации.
За да се донесат уставните измени потребно е двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници.
На дневен ред на оваа седница е предлог за избор на членови на Судскиот совет, предлог на програмата за одбележување јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности за 2013 година, предлог на законите за ратификација на Договорот помеѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина за измени и дополнувања на Договорот помеѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина за меѓусебно извршување на судските одлуки во кривичните предмети, на Договорот помеѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина за измени и дополнувања на Договорот помеѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина за екстрадиција, на Третиот дополнителен протокол на Европската конвенција за екстрадиција и на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Руската Федерација за соработка при изградбата на гасоводот – кракот за испорака на гас во Република Македонија.
Пратениците треба да се изјаснат и за предлог на закон за претворање на побарувањето на Република Македонија по основ на јавни давачки во траен влог во друштвото Тутунски Комбинат АД Прилеп, за предлог на законите за изменување и дополнување на Законот за лизинг, на Законот за јавните набавки, на Законот за авторското право и сродните права, на Законот за инспекциски надзор, на Законот за управување со отпадот, на Законот за научно – истражувачката дејност и на Законот за странците, сите во прво читање. На дневен ред е и Предлог на закон за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, дополнувањето на Законот за вработување и работа на странци, во прво читање и други закони.
Предвидено е и разгледување на неколку предлог закони по скратена постапка и тоа дополнување на Законот за безбедност и здравје при работа, предлог на закон за правосудниот испит, измените и дополнувањата на Законот за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост, поднесен од Малиша Станковиќ.
Пратениците треба да ги донесат дополнувањата на Законот за заштита на културното наследство, за изменување и дополнување на Законот за стручно образование, измените на Законот за иновациската дејност, дополнувањата на Законот за просветната инспекција, предлог на закон за националната рамка на квалификации, предлог на закон за матичен број, дополнет предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за користење и располагање со стварите на државните органи, измените и дополнувањата на Законот за сигурност во железничкиот систем, измените и дополнувањата на Законот за внатрешната пловидба, сите во второ читање и други.
На дневен ред на оваа седница се и дополнетите предлози на закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на законот за медиуми, во второ читање.