Во собраниската Комисија за труд и социјална политика денеска продолжи расправата за Јавна расправа за Предлог-нацртот на Стратегија за интеграција на бегалци и странци 2017-2027 година и Предлог-нацртот на Национален акциски план за интеграција на бегалци 2017-2027 година.
Претседателот на Комисијата Влатко Ѓорчев уште еднаш го пренесе ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека овие документи треба да се повлечат, а ресурсите во делот на вработувањата и социјалната политика да бидат наменети за граѓаните на Република Македонија.
– Со кратењето многу ставки од буџетот и предвидување за трошење милијарди за мигранти и бегалци е значајно менување на приоритетите, рече Ѓорчев.
И покрај јавниот повик, на седницата не дојдоа премиерот Зоран Заев и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
– Лично ги повикавме премиерот Заев и министерката Царовска да ја образложат изјавата од Штип каде што рекоа дека ги поддржуваат стратегијата и акцискиот план, рече Ѓорчев. Додаде дека заменик-министерот иако бил на минатото продолжение на седницата не дал одговор на ниту едно прашање.
Бараше одговори за проектите педвидени да почнат оваа година и да се спроведуваат во следните десет, а паралелно ги наведе сите кратења што се предвидуваат со новиот Буџет.
Доколку министерката присуствуваше на седницата, посочи Ѓорчев, ќе требаше да одговори на прашања во врска со предвидувањата за изградба на 100 згради за мигранти и бегалци, како и за предвидениот буџет за оваа намена имајќи предвид дека тој не е прикажан во акцискиот план.
– Приоритет на Владата треба да бидат граѓаните на Република Македонија, рече Ѓорчев.
Цветин Чилиманов, новинар, смета дека овие документи испраќаат сигнали дека Македонија ја менува својата политика и оти тоа будно го следат земјите од Западна Европа и регионот. Предупреди дека доколку се либерализира процесот за издавање македонско државјанство, тоа може да придонесе многу мигранти да добијат државјанство со цел да стигнат до земјите од ЕУ и да го доведеме во прашање безвизниот режим.
На мигрантите и на бегалците, според него, треба да им се даде привремено сместување и грижа, а не трајно вдомување. Тоа треба да го прават земјите од Блискиот Исток каде нема воени конфликти. Според него, многу поразвиените земји, како Шведска, Франција, Велика Британија имаат проблем со интеграција на мигрантите.
Поранешната пратеничка Солза Грчева стратегијата за бегалците ја нарече „измамничка туристичка агенција“. Побара одговори од Владата дали Македонија ќе биде транзитен центар или тампон зона, за буџетот колку ќе ја чини земјата големиот број мигранти и бегалци, за тоа кои се експертите што ќе бидат ангажирани…
– Ова е важно прашање за кое треба да се сензибилизира цела Влада, рече Грчева.
Според неа, со лагите и измамите што ги содржат овие документи мигрантите и бегалците ќе бидат примамени да дојдат во Македонија.