Привремена Комисија на јавното обвинителство ќе следи евентуални изборни нерегуларности на претстојните локални избори, закажани за 17 октомври 2021 година.
-Настаните поврзани со претстојните локални избори, закажани за 17 октомври 2021 година, се од општ интерес на јавноста. Оттука, јавниот обвинител на Република Северна Македонија донесе Одлука за формирање привремена Комисија за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела од Глава шеснаесет – Кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборите, соопшти ЈОРСМ.
Формираната комисија на јавното обвинителство проактивно ќе ги следи настаните, во насока на заштита од криминални или други противзаконски дејствија и превентивно делување.
Како што е наведено во соопштението, јавниот обвинител во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија Џељаљ Бајрами е определен за претседател на комисијата, а членови се јавни обвинители од вишите јавни обвинителства и Основното јавно обвинителство Скопје.
Членовите на комисијата, како и вработените вклучени во нејзината работа, на дневна основа ќе ги следат сите настани од државата поврзани со процесот на организирање и спроведување на изборите. За оние настани за кои ќе се оцени дека даваат индиции за евентуални сторени изборни нерегуларности, известувањата веднаш ќе се проследат до соодветното основно јавно обвинителство. Во исто време, ќе се дадат задолженија до основните јавни обвинителства за итно постапување, односно да формираат предмет и да преземат дејствија за утврдување на релевантни факти од кои зависи правилната примена на Кривичниот законик, се додава во соопштението.
Јавното обвинителство на Република Северна Македонија ги повикува граѓанските организации, политичките партии, домашните и меѓународни институции и сите лица кои сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со изборниот процес, да достават поднесок/пријава до Комисијата, на електронската адреса [email protected]. Електронската адреса за пријавување на изборни нерегуларности е објавена и на интернет страницата на јавното обвинителство www.jorm.gov.mk.