Приведен е еден од двајцата осомничени за пукањето кон Драганчо Стоименов, сведокот во случајот „Детонатор“, соопштуваат од МВР.
Од полицијата не соопштуваат детали, единствено информираат дека е приведен 29-годишен скопјанец и дека се работи со него.
Засега од полицијата не ги поврзуваат напаѓачите со обвинетите од „Детонатор“.
Според пријавата во неделата околу 22.50 часот две лица пукале кон триесет и четиригодишниот Стоименов, на паркингот на булевар „АВНОЈ“, каде што живее Стоименов.
Со еден од куршумите му била нанесена гребнатина на десната потколеница
Стоименов бил пренесен во болница, но бил пуштен на домашно лекување. Полицијата работи на расчистување на случајот и пронаоѓање на сторителите.
Во судскиот процес „Детонатор“ им се суди на вкупно 16 лица од Виница, Кочани и Штип, двајца од обвинетите се во бегство.
Обвинителството ги гони за обид за убиство, злосторничко здружување, перење пари, затајување на данок, лихварство, насилство и измама.
Оштетениот Драганчо Стоименов, кого според обвинението, дел од обвинетите три пати се обиделе да го убијат, пред судот тврдеше дека имал сознанија дека бил прв на црната листа за ликвидација, што ја имале обвинетите во случајот од Кочани и Виница.
Во близина на автомобилот на Стоименов во два наврати имаше поставено експлозивна направа, но и во двата случаи, Стоименов се спаси.