Припадници на единицата „Алфа“ завчера околу 23 часот во село Љуботен го уапсиле Т.Б. (21) , осомничен дека на 16 овој месец пред џамијата во селото го убил триесет и едногодишниот Џеваир М.
Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека кај осомничениот за кривичното дело „убиство“ истовремено е пронајдена и една автоматска пушка АК 47 со калибар 7,62 мм којашто е исто така предмет на кривичното дело. Судија во предходна постапка на Т.Б. му одредена 30 дневен притвор.
МВР претходно информираше дека на 16 овој месец околу 19 часот А.М.(23), брат на починатиот Џеваир М.(31) се движел со возило во правец кон населба Радишани каде во близина на кружниот тек во населба Бутел, поради недавање првенство во сообраќај се скарал со лицето Ј.Б.(19) брат на пријавениот Т.Б. кој исто така се движел со возило. Тие застанале по што започнале вербална расправија и при тоа си размениле по неколку удари со боксови по што го напуштиле местото. Откако А.М. пристигнал дома, неговиот брат Џеваир М. му кажал дека добил телефонски повик од негов пријател кој ги повикал двајцата да појдат во село Љуботен каде ќе дошло лицето со кое претходно А.М. имал расправија за да направат меѓусебно помирување.
Околу 21:30 часот А.М. и Џеваир М. со возило се упатиле кон село Љуботен каде на патот на влезот од селото биле пресретнати од Р.Ј.(58) татко на пријавениот кој бил заедно со неговиот син Ј.Б. и им кажале да продолжат да возат се до џамијата. Откако стигнале кај џамијата, А.М и Џеваир М. излегле од возилото по што Џеваир М. се упатил кон Р.Б.и Ј.Б. и започнал разговор, а во еден момент од споредна уличка се појавил пријавениот Т.Б. кој бил вооружен со автоматска пушка и веднаш без никакво предупредување испукал еден куршум во правец кон Џеваир М. кого го погодил во пределот на градниот кош по што го напуштил местото на настанот.