Од денеска во употреба е пуштена веб страната pristapdopravda.mk која е резултат на проектот „Следење на примената на Законот за бесплатна правна помош“ спроведуван oд 6 здруженија на граѓани (Македонско здружение на млади правници, НРЦ-Куманово, РОМА С.О.С.-Прилеп, МКЦ-Битола, Избор-Струмица и ЕХО-Шип) во соработка и поддршка од Фондацијата Отворено опшество – Македонија во 2011 и 2012.
Порталот има за цел да ја промовира бесплатната правна помош како инструмент за овозможување еднаков пристап до правда за сиромашните граѓани како и да го олесни пристапот до правда за граѓаните.
Pristapdopravda.mk содржи упатства за начинот на остварување на правото на бесплатната правна помош, основни информации за најчестите правни прашања со кои се соочуваат граѓаните како и опис на трошоците за водење на постапки во македонскиот правен систем.
Веб порталот содржи и упатства за можностите кои им стојат на располагање на граѓаните во случаите кога поради слаба материјална положба не се во можност да водат постапки за остварување и заштита на нивните права (бесплатна правна помош, ослободување од плаќање на судски такси, ослободување од плаќање на трошоците на постапката и сл.).
Pristapdopravda.mk овозможува интерактивност преку опцијата за директно поставување прашања на кои ќе одговара тим од стручни и искусни правници.
Веб порталот е наменет за здруженијата и за граѓаните (со потешка материјална положба и припадниците на ранливите категории граѓани).