На меѓународната средба на спелеолози во Италија, спелеолошкиот клуб Кораби и општина Гостивар ги презентираа активностите од проектот „Зајакнување на локалните капацитети за истражување и конзервација на пештерата Убавица“, финансиран од Европската унија преку Програмата за подобрување на управувањето со заштитените подрачја, што ја спроведува УНДП во партнерство со Министерството за животна средина.
За време на студиската посета што се одржа во италијанското гратче Касола Валенсио, претставниците на спелеолошкиот клуб Кораби, заедно со колегите од италијанското спелеолошко друштво Персефоне, кои веќе направија први истражувања на пештерата Убавица, ги споделија искуствата со светски имиња во оваа област околу управувањето, заштитата и мониторингот на пештерите.
Преку изложба на слики од пештери во Македонија информираа за обуката на локални спелеолози во Спелеолошки трениниг центар во Вруток, прикажаа мостри од пештерата „Убавица“, резултати геолошки и микробиолошки анализи, како и материјали од топографското ласерско снимање на пештерата во 3Д технологија.
Асоцијацијата на спелеолози од Италија организираше и посета на познатата пештера Стифе во регионот на Акуила ,како и средба со претставниците на општина Сан Деметрио при што се дискутираше за улогата и потребата на безбедносни мерки во пештерата, мониторинг на нивото на водата, обучениот кадар, обврската на туристичките водичи во пештерата, спасувачки екипи итн. Дел од дискусиите беа посветени и на поделбата на обврските околу управувањето со пештерите. Каква е улогата на локалната власт, обврската и надлежноста на централната власт како и одговорностите на спелеолошките здруженија во насока на управуање, заштита, конзервација и мониторинг на пештери.
На меѓународната средба на спелеолози која се одржува секоја година во Италија учествуваат над 2500 спелеолози од целиот свет, а целта на овие средби е презентација на истражувањата за зачувување на природните наследства и нивна промоција како туристички дестинации.