Околу 21,7 милиони денари се пренаменети за реконструкција и подобрување на условите за настава во прилепските средни и основни училишта. Парите се од неискоритените средства од блок-дотациите во општинскиот буџет. Ваква одлука донесоа советниците на денешната 15. седница.
– Средствата кои во овој период останаа неискористени, а станува збор за околу 21, 7 милиони денари, сега со одлука на советниците ќе може ефектно да ги искористат средните и основните училишта во Прилеп. Наменети се за реализација на проекти и прилепската локална самоуправа ги задолжи директорите на училиштата во градот да ги подготват во наредниот период со цел реконструкција и подобрување на условите за настава во училишните згради. Ќе се уредат оние делови во училишните згради кои бараат најбрза санација, изјави претседателот на Советот, Миле Талески.
На денешната седница е намалена и цената за користење паркинг простор од 100 на 50 денари за време на одржувањето на годинашниот фестивал на пивото во јули.
– Со тоа очекуваме дека ќе имаме многу повеќе гости од цела Македонија за време на одржувањето на „Пивофест 2018“. Жал ми е што советниците од опозиционата ВМРО-ДПМНЕ не ја поддржуваат оваа одлука, рече Талески.
За првпат локалната самоуправа транспарентно донесе одлука за соработка со невладината организација за организирање на манифестацијата „Пивофест“. Досега советниците немале увид во реализацијата на манифестацијата.
Прилепските советници им дозволија и на угостителите да го прошират просторот за користење урбана опрема од 4,5 на 6 метри на јавната површина пред угостителскиот објект.
Советниците на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ побараа повеќе информации за компанијата „Енфинити доел“ од Скопје која е соорганизатор на „Пивофест“, како и преиспитување на одлуката за користење јавна површина пред угостителските објекти која се променува од 4,5 на 6 метри пред угостителскиот објект.
На седницата е усвоено и барањето на ЈКП „Комуналец“ да ја пресели дирекцијата во поранешните простории на ЈП Водовод и канализација, да се ослободи МПЦ од надоместок за градежно уредување, односно за изградбата на трпезаријата со административниот простор во склоп на црквата „Света Петка“ во прилепската населба Точила.