Прилеп денеска ја одблежува 68 годишнината од ослободувањето на градот. По овој повод делегации на локалната самоуправа, на здруженија и граѓани им оддадоа почит на загнатите борци и заслужни прилепчани.
Почит им беше оддадена и на првиот претседател на президиумот на АСНОМ Методија Андонов Ченто и на Кузман Јосифоски -Питу, идеологот на народната Револуција пред нивните споменици во центарот на градот.
Делегацииите положија свежи цвеќе и пред споменикот на борците и народните херои на Могилата на непобедените и Алејата на хероите.
Предвидено е да биде посетен и споменикот во месноста Песјо брдце каде биле завршните борби 1944 година за ослободување на градот од фашистичкиот окупатор.
Во чест на празникот денеска ќе бидат пуштени во употреба неколку асфалтирани и обновени улици, а вечер на свечена седница во Домот на културата „Марко Цепенков„ пригодно ќе им бидат доделени Третоноемвриските награди што ги доделува градот на заслужните поединци и институции.
Прилепската писателка Мирјана Ристеска Селчанец е годинашниов добитник на наградата за животно дело „3 Ноември“ што ја доделува општина Прилеп за посебни заслуги по повод денот на ослободувањето на градот.
Ристеска Селчанец ја добива наградата поради афирмацијата на градот и животот во него во своите дела, образложи комисијата за доделување значајни награди и признанија при советот на општината. Меѓу добитниците на наградите – третоноемвриски дипломи се: отец Калист од манастирот „Трескавец„ актерот Петар Темеловски, Ванчо Георгиев од здружението „Прилепски мечкари„ уметникот Богдан Грабулоски, доктор Благоја Георгиески, Благоја Чонески претседател на Сојузот на борците, археологот професор доктор Виктор Лилчиќ, Здравко Тодороски. Постхумно се наградени Борче Ангеловски, фуджбалер и тренер и новинарот Данчо Трајковски.
Третоноемвриски плакети добија: октет „Прилеп„ за афирмацијата на староградските песни, Завод за заштита на спомениците и музеј, средното медицинско училиште „Ѓорче Петров„ женскиот ракометен клуб „Жито Прилеп„ црковниот хор при храмот „Свети Кирил и Методиј„ Сојузот на училишни спортови, фирмата за обработка на мермер „Крим КГ„ музичкото училиште „Ордан Михајлоски Оцка„, службата за Итна медицинска помош, Еколошко планинарското друштво „Картуш„ Здружението „Прилепски мечкари„ конфекцијата „Кули„ асоцијацијата „Ромска солза„ фудбалскиот клуб „Корзо“.