Над 800 овци се пријавени дека угинале од болеста син јазик во Kавадаречко и Росоманско, а со оглед на тоа што не се сите изгинати овци и пријавени, оваа бројка може да биде и двојно поголема, информираше денеска Лазе Стамаџиев, самостоен референт при Агенцијата за поттикнување на развојот во земјоделството, работна единица Кавадарци.
– Бројот на умрени кози од оваа болест е многу помал бидејќи козите се покажаа многу поотпорни. Инаку, угинати овци има најмногу во стадата од селата во ридско планинскиот дел од Поткожувјето. Се работи за селата Страгово, Бојанчиште, Куманичево, Гарниково, Крњево, Конопиште, Шешково и Бохула. Во некои од овие села стадата се преполовени што се вели од болеста. Штети има и во Црноречието, соопшти Стамаџиев.
Тој информира дека земјоделците ги пријавуваат штетите со цел да бидат обесштетени.
– Болеста син јазик ќе се чувствува во стадата и догодина. Во некои од нив настрадаа овните, а поради заразата не смеат да се купуваат или продаваат животни така што ќе мора да се позајмуваат заради приплод, појасни Стамаџиев.
Тој нагласи дека многу од овците во Црноречието имаат настрадано заедно со неродените јагниња кои ги носеа во своите утроби. Таквите животни, рече, се поистоштени поради болеста и кај нив смртноста е поголема. Токму поради ова, смета дека ваквата состојба негативно ќе се одрази во поглед на количините на јагнешко месо за Нова Година и велигденските празници.