Приемен испит за новата Математичко-информатичка гимназија

Од:

Приемен испит за ученици кои се заинтересирани да се запишат во новото училиште – Математичко-информатичка гимназија ќе се организира денеска и во четврток, со писмено проверување на нивното знаење по предметите математика (2 јуни) и физика (4 јуни).

Испитите ќе траат по 120 минути и ќе се одржат во просториите на средното училиште „Здравко Цветковски“ во Скопје. Од учебната 2020/2021 таму ќе бидат сместени двете паралелки (по 34 ученици на македонски и на албански наставен јазик) на новата гимназија за средношколци кои се талентирани по овие предмети и која беше најавувана неколку години.

За учениците кои сакаат да се запишат, МОН во март објави повик за доставување писмо на интерес. Министерот Арбер Адеми за МИА изјави дека на повикот поголем бил одѕивот за паралелката на македонски јазик отколку за паралелката на албански јазик и нагласи дека новото училиште ќе биде додадена вредност во националниот образовен систем.

Бројот на заинтересирани не е голем, така што и нема одложување на приемниот испит со тестирањата по двата предмета на 2 и 4 јуни. Но по препорака на Комисијата за заразни болести, Владата и за овој испит усвои протокол како да се спроведе, исто како што се усвоени и протоколи за запишувањето на првачињата, за уписот на средношколците во јунскиот рок во втората половина на месецов и за полагањето испити на факултетите во јунската сесија.

Според протоколот, во средното училиште „Здравко Цветковски” треба да се обезбедат сите санитарно-хигиенски услови и задолжително да се дезинфицираат клупите во просториите каде што учениците ќе полагаат. Задолжително е носење заштитна маска и да има физичко растојание меѓу учениците од најмалку два метра. Во една училница може да присуствуваат најмногу 10 ученици, а на нивните родители не им е дозволен влез во училиштето.

Приемниот испит се состои од полагање тестови согласно со наставните програми по математика од VI до IX одделение и наставните програми по физика за VIII и IX одделение.

Потврдата со бројот на освоени бодови од приемниот испит учениците ќе ја достават при запишување во Математичко-информатичка гимназија во јунскиот уписен рок, во термините за пријавувања содржани во Конкурсот за прва година во јавните средни училишта во учебната 2020/2021 година. Учениците кои сакаат да се запишат во оваа гимназија треба да имаат и општ успех од најмалку 4.5 од шесто до деветто одделение и оценка 5 по наставните предмети математика (од шесто до деветто одделение) и физика (од осмо и деветто одделение).

Информации за начинот на пријавување и роковите, како и за тестирањето по предметите се содржани во јавниот повик што го објави Министерството за образование и наука.

Би можело да ве интересира

МОН: Поради голем интерес до 25 декември може да се аплицира за финансиска поддршка за учениците

Осум важни достигнувања за осум години: Иновации на Бреинстер што го менуваат образованието

Горан Наумовски

Септемвриските плати во основното и средното образование ќе бидат повисоки за 15 oтсто

МОН ветува – ниту еден наставник нема да биде отпуштен, ниту ќе добива помала плата

А1он

Егзодус во Прилеп: 300 деца отпишани од училиште за шест месеци поради селење во странство

Катерина Ѓуровски

Усписите на ученици во средно образование во две пријавувања во јуни

Ана Ололовска