(ВИДЕО) Причините на Ѓорчев против амнестија: Кабадахии ќе тепаат луѓе низ градовите, улиците нема да бидат безбедни

Од:

Според пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ѓорчев, предлог-законот за амнестија не треба да се усвои затоа што тоа би предизвикало загрозување на безбедноста по улиците, зголемување на разбојништвото и зачестени напади врз судии, полицајци и обвинители. На денешната комисиска расправа по предлогот на независните пратеници, Павле Трајанов и Лилјана Поповска, Ѓорчев изнесе серија причини зошто законот би предизвикал поголема штета отколку корист.

Предлог законот предвидува на дел од осудениците за 15 до 30 отсто да им се намали оној дел од казната кој се уште не го одлежале. Во кратки црти, пратеникот смета дека тоа би резултирало со кабадахии кои ќе тепаат луѓе по улиците.

-Не сакам да влезам во некоја контра во која ќе се надвикувам, но да го разговараме ова и од оваа гледна точка. Ќе ни дојдат пет или десет семејства на кои им е важна амнестијата, но што ќе правиме кога ќе појдеме во наши места. На пример во Битола и ќе видиме 15 опљачкани куќи, пет дуќани со разбојништво, викендот неколку кабадахии ќе тепаат луѓе низ градовите. Да внимаваме на целава оваа работа – поентираше пратеникот.

Според него доколку се донесе законот, Собранието ќе им прати индиректна порака на злосторниците дека е во ред да ги кршат законите.

-Каква порака ќе им пратиме на моменталните сторители на кривични дела? Ако им испратиме порака „ќе те амнестираме“, тие ќе си речат „вреди да ризикувам, ако не ме фатат ќе ќарам толку, ако ме фатат ќе одлежам неколку месеци, а после тоа ќе има избори..“. Да не навлегувам во политика, но имаме во Македонија десетици, стотици луѓе од државниот апарат, луѓе кои свесно влегуваат во ризик, особено во помало место… Да се осуди дилер, престапник, рекетар.. и сега тие исти луѓе знаат каде живее полицаецот, инспекторот обвинителот, судијата и утре можат да им вратат, да им напакостат. Тие луѓе свесно и совесно извршувајќи ја својата работа, преземаат дејства за санкционирање. И сега ние од парламентот ќе им речеме „ама знаете од овие причини“.. има и добри, благородни, алтруистички намери, но има и многу ризици.. и ќе им речеме „терајте вие, се создадоа условите, има притисок од јавноста“. Ама после тоа тие ќе треба повторно да го прават истото, ќе рече не се замарам, ќе им ја искршат колата, ќе му го тепаат детето, ќе му направи пакост на куќата, ќе вознемирува ќе и се заканува на сопругата – рече Ѓорчев.

Според Ѓорчев, амнестијата како да не се применува во други држави, иако предлагачите рекоа дека закон за амнестија се носи редовно во европските земји и во земјите од регионот, а дека во Македонија не е донесен од 90-тите.
Од она што може да се сфати, Ѓорчев зборуваше како затворениците никогаш да нема да излезат од затвор, во спротивно би ја загрозиле безбедноста на улиците.

-Од прва рака да ви кажам кога го одбивме минатиот закон за амнестија имав слични закани и сега.. најопортуно во таа ситуација.. некој на фејсбук ќе ти пише, некој на улица ќе ти дофрли, писмо ќе ти прати… најдобро накриви си ја капата и речи таква беше атмосферата. Да, јас чувствувам емпатија спрема тие луѓе. Но пак ќе речам оваа држава работи на нивна ресоцијализација, преку примерно однесување порано да се пуштат, преку законот пробација што сега го донесовме. Не би било добро за безбедноста во нашите улици да пратиме ваква порака – рече тој.

Според него парламентот дополнително би ги демотивирал луѓето доколку го изгласа законот, а, како што објасни тој, затворениците не би се задоволиле и амнестијата би можела да повлече нови барања и иницијативи.

-Со ваква зачестена инфлација на закони за амнестија се создаваат очекувања и после тоа се создаваат барања кои што нема да имаат крај. Ако еднаш речеме дека ќе ја намалиме казната за 25 проценти, друг поширокоград ќе побара за 40 отсто. Ќе дојдеме во ситуација постојано да зачестат вакви иницијативи, кои што дополнително ќе ни го нагризат и дерогираат системот. Испраќаме порака за нови вакви иницијативи затоа што се создава атмосфера.

Ќе ги демотивираме луѓето, знаете кои се платите во Република Македонија и луѓето влегуваат во ризик. Ние ќе им речеме „терајте работи, борете се“, а на луѓето после да им викаме „одете си дома.“ Некогаш треба да се заземе став за она што се нарекува општ интерес. Да закани.. едно друго да.. али треба да бидеме одговорни, ние сме законодавци и треба да внимаваме, не само на бенефитите туку и на последиците кои можат да ги донесат решенијата – посочи Ѓорчев.

Предлагачот, Павле Трајанов, му порача на пратеникот дека не е добро да се шири паника и дека целта на предлог-законот е да им се даде на луѓето шанса да се реинтегрираат во општеството.

-Ако мислите дека ќе ја загрозиме сигурноста на улиците, предложете аргументирани амандмани и ние сме спремни да ги прифатиме ако се издржани и конструктивни – рече тој.

И покрај тоа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа против предлог-законот и по втор пат одбија амнестија за затворениците.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

Митрески: Борбата за работничките права не престанува никогаш

А1он

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов

Не е донесен Законот за игри на среќа, постапката заврши

Катерина Ѓуровски