Претепаниот татко и синот физички се пресметуваат две години за поделба на куќата, се огласи валандовскиот Центар за социјални работи

Од:

По објавата за натепаниот Никола Бојчовски од Балинци, се огласи валандовскиот Центар за социјални работи, чија екипа го посети денеска и утврди дека е добро, а синот не му се приближува и се придржува кон оваа забрана изречена од надлежните. Во последните неколку дена немал никакви закани од синот и снаата, кои се отселиле од куќата и заминале под кирија.

Од Центарот велат дека две години ја следат состојбата со Бојчовски и дека се работи за семејна војна, во која нема класично семејно насилство, туку меѓусебна пресметка помеѓу таткото и синот поради нерешени имотни прашања. Од оваа установа додаваат дека пријави за насилство имало и од синот, и од ќерката и од таткото Никола и дека секој секого обвинувал во зависност од околностите.

„Изречени се мерки во согласност со Законот за превенција од семејното насилство кон синот, при што во случајот, да кажеме, тој е насилникот, но тој не е единствениот во ова семејна пирамида. Имаме регистрирано кога синот пријави насилство, па потоа ќерката, која е отселена во Германија, а во неколку наврати и таткото. Ние како институција постапувавме советодавно во сите случаи, со напомена дека се работи за зрели луѓе и дека не се доаѓа до решение со меѓусебни физички пресметки“, велат од валандовскиот Центар за социјални работи.

Проблемот се јавува при поделбата на имотот, односно семејната куќа. Пред да почине сопругата на Никола, куќата му ја препишала на синот. Најверојатно, тоа не им се допаднало на таткото и на ќерката и почале проблемите, информираат социјалните служби.

„Првично, синот пријави дека е натепан, потоа ќерката од братот, при што во голем дел од пријавите имаше и асистенција од полицијата. Некако се смирија страстите затоа што Никола поведе судска постапка во која бараше да си ја врати куќата од сопругата. Ова не му се допаднало на синот, па тој влетал во физичка пресметка со таткото. Последната судска пресуда е во корист на Никола, кој си го вратил имотот од сопругата. Раскараните семејства во овој изминат период се во постојан конфликт, но сметаме дека тука ќе има завршница затоа што синот и снаата се отселија и не се во близина на Никола. Ќе го следиме семејството и понатаму и ќе реагираме во рамките на нашите надлежности“, додаваат од Центарот за социјални работи.

Дека 64-годишниот Никола е тепан и малтретиран од синот, објави ќерка му Александра со фотографии на социјалните мрежи, на кои се гледаа модринки и гребаници по неговото тело. Социјалните служби не негираат дека фотографиите се автентични и дека таткото претрпел малтретирање, но додаваат дека, сепак, овие пресметки се меѓусебни.

Во следните 6 месеци синот Илија има забрана да се приближува до куќата на Никола, да му се заканува, телефонира и да го вознемирува. Случајот го следи и полицијата, а раскараните страни водат постапка и пред гевгелискиот суд.

Би можело да ве интересира

Во скопско Визбегово татко ги нападнал своите синови

Тетовец ја затворил снаата во куќа и повеќе пати ја тепал

52-годишен скопјанец бил истепан од неговата вонбрачна партнерка

Малолетник ја нападнал неговата 42-годишна мајка, малолетниот брат и 20-годишната сестра

Малолетник од Скопје си ја истепал мајката

24-годишен скопјанец ја истепал невенчаната сопруга