Социјалдемократскиот сојуз со недоверба и сомнеж гледа на планот за нови реформи кои ги усвои Владата на вчерашна седница, а за што денеска преку својот фејсбук профил информираше премиерот, Никола Груевски. Од СДСМ велат дека оваа Влада нема кредибилитет да ги спроведе итните реформи што ги побара ЕУ во заклучоците на Советот вчера, како и во бројните апели на европските дипломати.
-Луѓето кои неколку години по ред ја уназадија македонската европска перспектива не можат да ја вратат државата на европска патека, бидејќи проблемите кои ЕУ бара да ги решиме се проблеми кои ти ги создадоа – велат од СДСМ.
Груевски во својата порака на социјалната мрежа порача дека овој план треба да ја забрза Македонија во евроинтегративниот процес и дека реформите се однесуваат на владеењето на правото, слободите, изборното законодавство и корупцијата. Во заклучоците што Советот на ЕУ, ги донесе вчера, пак, прецизно е наведено дека е потребна деполитизација на институциите и оделување на партијата од државата.
-Не може да очекуваме дека истата таа партија ќе ги ослободи институциите од партиско влијание. Откако претходно го презедоа судството, сега ќе го ослободуваат од самите себе? Јасно е дека овој пат ќе ги повторат сите акциски планови што ги носеле претходните години – додаваат од таму.
На фејсбук статусот на Груевски, денеска со коментар возврати Лидија Димова, претседателка на комисијата на СДСМ за европски прашања, која реагира на тоа што владиниот план за реформи е донесен без учество на опозициските партии и на невладиниот сектор.
„Повторно, премиерот нешто не разбрал. Според препораките на ЕУ, ваквиот план треба да се донесе што поскоро, но не еднострано. Со други зборови, неопходно е да се консултираат и другите засегнати страни како опозициската коалиција, медиумите и граѓанското општество. Планот за којшто зборува точката 5 од вчерашните заклучоци на Советот (Советот го очекува состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација во јули на којшто ќе има детално известување за конкретните преземени и предвидени акции во следните месеци) подразбира минимум консензус. Затоа, премиере, се надевам дека имате намера да го објавите вашиот посебен план за другите да можат да ги достават своите забелешки за истиот да не заврши како Патоказот на Пристапниот дијалог на високо ниво“, порачува таа.