Преку јавно-приватно партнерство, Министерството за здравство планира да го враќа и зајакнува ин витрото во јавното здравство. Досега, најголем број од пациентките кои добиваа бесплатни ваучери за ин витро, ги користеа во приватните болници кои имаа склучено договор со Фондот, а не на Државната клиника.
Сега, од Министерството преку оглас бараат понудувач кој за 10 илјади евра ќе изработи физибилити студија со која би се разгледале опциите за зголемување на капацитетот во државните институции и воведување методи кои ги нема во приватните болници.
„Поентата е да се зајакне капацитетот за системот за наплата, а ваучерите остануваат. Досега најголем број од пациентите одеа во приватните болници, но ние сакаме да го зголемиме капацитетот во државните институции, да ангажираме уште повеќе експерти, но и да воведеме методи кои ги нема во приватните болници. Освен со зголемување на квалитетот на услугата, употребата на ваучерите ќе останат во државната Клиника, но и ќе го развиваме јавното приватно партнерство“, велат од Министерството.
Планот е јавното приватно партнерство да биде меѓународно, односно странска компанија да влезе со инвестиција во Одделот за ин витро на Државната клиника.
Неизвесно е кој би бил мотивот на една странска приватна компанија да влегува со инвестиција во македонското државно здравство, ако од тоа нема висок профит, што пак го наметнува прашањето колку оваа идеја би била економски оправдана за државниот буџет.
Тенденцијата за воспоставување јавно приватно партнерство стана заштитен знак на министерот за здравство Венко Филипче.
Ова е трета физибилити студија за јавно приватно партнерство што во последниве месеци ја бара Министерството. За секоја студија се издвојуваат 600 илјади денари односно по околу 10 илјади евра. Првата беше за јавно приватно партнерство за Итната медицинска помош, втората за модел за искористување на капацитетите кои ги нуди ЈЗУ Универзитетски институт за позитронско-емисиона томографија, а третата е за ин витро фертилизацијата.
Во меѓувреме, модел на јавно приватно партнерство во здравството за првпат ќе почне да се применува од наредниот месец кога Детската кардиохирургија ќе се пресели во приватната болница „Филип Втори“ на Жан Митрев, без претходна јавна дебата. Она што се знае е дека кадарот од државната детска кардиохирургија на чело со Владимир Чадиковски ќе биде вработен во „Филип Втори“, а од Министерството убедуваат дека со ова се очекува за ист трошок да се има подобри услови за работа на лекарите, за престој на децата со срцеви заболувања и за нивните семејства.
Во јавноста се големи реакциите во однос на овие идеи и на нив се гледа како на признавање на поразот во јавното здравство, негова приватизација и можност за заработка на приватни компании и лица. Министерот Филипче пак, во ова гледа можност за соединување на експертизата во приватниот и во државниот сектор, подобри услови и интегриран сервис на здравствена услуга.
Недостигот од покрупни инвестиции во здравството и преминувањето кон јавно-приватни партнерства министерот за здравство го правда со фактот што сè уште се чека на изградбата на новиот Клинички центар, за кој не се знае кога и каде би бил изграден.
Мери Јордановска