Преку 80 отсто од лифтовите во зградите технички неисправни, но во функција

Од:

Да не се префрла одговорноста за техничката неисправност на лифтовите во станбените згради врз лиценцираните управители за домување бидејќи тие не се нивни сопственици, бара Групацијата за домување со станбен и деловен простор при Стопанската комора на Македонија.

Како што беше речено денеска на прес-конференција, преку 80 проценти од лифтовите во земјава се водат како технички неисправни бидејќи стандардите што од овој аспект треба да ги исполнат, се премногу строги. Сепак, се во функција и станарите ги користат.

– Според Законот за техничка инспекција, за да биде исправен, лифтот треба да има т.н. двонасочна комуникација (на оној што е внатре со лицата надвор), врати со заштита, „паник“ светла,… Ваквите перформанси се скапи за наши услови, чинат најмалку 2.500 до 5.000 евра и ретко кој од лифтовите ги исполнува, истакна претседателот на Групацијата Васе Самараков.

Во Законот за техничка инспекција стои дека управителите се корисници на лифтовите, а според Законот за домување, сопственици се станарите.

– Ние сме должни за редовно сервисирање кое се врши секој месец, како и за годишните технички прегледи кои покажуваат дали лифтот е исправен и може да се користи. Во најголем број случаи, според техничките прегледи, лифтовите не ги исполнуваат стандардите поради што треба да се исклучат. За тоа ги информираме станарите, но тие, по кратко време ги вклучуваат без претходно да преземат какви било мерки за „поправање“ на лифтовите, објасни заменик претседателот на Групацијата Лефко Лазаревски.

Казните за користење технички неисправни лифтови се од 3.000 до 5.000 евра за управителите кои, како што нагласуваат, воопшто не треба да сносат одговорност. Плус се предвидени глоби и за одговорните физички лица во компаниите – управители за домување.

Компаниите – управители за домување, односно за станбен и деловен простор, постојат речиси пет години, а проблемите со кои се соочуваат околу исправноста на лифтовите и нивните ингеренции во овој домен се детектирани најмалку две години.

Техничките контроли на лифтовите кои се спроведуваат еднаш годишно, ги вршат само пет компании во Македонија, додека за редовното, месечно сервисирање, кое нема никаква врска со годишните контроли, се регистрирани над 20 фирми.

Би можело да ве интересира

Се урна лифт во станбена зграда, повредени две жени и три деца во Палермо

МВР со детали за несреќата во Штип

Стабилна e состојба на работникот, кој се здоби со тешки повреди во лифт во штипски угостителски објект

Горан Наумовски

Едно лице почина, а друго се бори за живот по повреди добиени во лифт во угостителски објект во Штип