Охридската полиција поднесе прекршочна пријава против две приватни лица од селата Косел и Лешани, како и против правен субјект што стопанисува со паркинг-просторот во центаралниот дел на Охрид.
Станува збор за лицата Д.Ј.(25) од охридското село Косел и Ј.М.(35) од Лешани, општина Дебрца, кои пред два дена на три места во централното градско подрачје поставиле метални рампи за контрола на влез и излез на возила од паркинг просторот тој ден на Охрид со што сториле прекршок со предизвикување загрозување и попречување на сообраќајот на јавниот пат.
Според полицијата, неовластено е зафатена сообраќајната површина на јавниот пат и е предизвикано загрозување односно попречување на безбеден и непречен сообраќај на јавната сообрачајница во центарот на Охрид.
Двајцата пријавени не го почитувале и го игнорирале укажувањето на сообраќајниот полициски службеник за неовластени преземања на јавна сообраќајна површина и јасно упатеното барање за престанок на таквите неовластени активности, поради што за двата сторени прекршоци ним им се изготвени им се платни налози за наплата на казна во износ од 300 евра во денарска против вредност.
Станува збор за вработени во компанијата „Сузуки“ од Охрид, која се повикува на договор со претходната локална самоуправа за преземање на концесионерство врз паркинг-просторот во центарот на градот, склучен пред една година со времетраење од пет години.
Истовремено СВР – Охрид поднесе прекршочна пријава и против правното лице ДООЕЛ „РТ-Сузуки-МТ и одговорното лице во компанијата, поради постапување спротивно на одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата за што изречена е глоба во износ од 520 односно 550 евра во денарска против вредност.
Од новогодишните празници и во текот на предизборниот период рампите од паркинг-просторот во центарот на Охрид беа извадени и не се наплаќаше паркирањето моторни возила во тој дел на градот до пред три дена, кога повторно отпочна да се наплаќа паркирањето моторни возила. Веднаш потоа реагираше новата локална самоуправа, која вчера најави дека ќе го раскине договорот со „Сузуки“, оценувајќи го спротивен на интересите на локалната самоуправа и граѓаните на Општина Охрид.
– Давањето на управување на паркинг-просторот на приватен субјект за Општина Охрид претставува штетен договор, донесен под сомнителни околности во нетранспарентна постапка и истиот го оценуваме како акт со кој се нарушуваат интересите на општината и нејзините граѓани, беше истакнато во соопштението од новите општински власти.
Општинската самуправа најави дека ќе бидат искористени сите правни средства за негово раскинување, а ќе биде покрената и постапка за санкционирање на сите лица кои со потпишувањето на договорот свесно направиле злоупотреба на својата позиција и притоа нанеле штета на имотот и угледот на локалната самоуправа.