Три угостителски објекти во Охрид ќе добијат прекршочни пријави поради прекумерна бучава, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Акциските контроли и мерења реализирани во содејство со Инспекторатот за животна средина и комуналната инспекција кај овие угостителски објекти покажале надминување на дозволена бучава и нарушување на јавниот ред и мир со користење музички инструменти и други технички уреди.
Контролите, вкупно седум, се реализирани на иницијатива на СВР Охрид, но и по пријави на граѓани.
– Согласно Законот за прекршоци, оној што го нарушува мирот на други со пеење, користење музички инструменти, радио и телевизиски апарати и други технички уреди, како и со механички извори на врева (мотор и слично) од 15 до 18 часот и по 23 часот до 06 часот наутро, полицијата ќе го спречи и ќе му се изрече 200 до 500 евра глоба во денарска противвредност. За прекршокот, на правно лице ќе му се изрече глоба од 500 до 1.000 евра, а на одговорното лице во правното лице 200 до 500 евра. Глоба во износ од 500 до 800 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на трговец поединец кој врши угостителска дејност ако не преземе мерки да не дојде до извршување на прекршокот во неговиот угостителски објект, информира МВР.
Соодветни пријави против правните и одговорните лица се поднесени и од надлежните инспекциски служби од локалната самоуправа.