Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски ја прекина 74. седница поради процедуралните препирања на координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Илија Димовски и Горан Сугаревски.
Сугаревски рече дека нема намера, ниту му паѓа на ум да се извини за вчерашниот вербален инцидент меѓу претседателот на Анкетната комисија за прислушувањето Петре Шилегов и пратеничката Владанка Авировиќ, како што претходно побара Димовски.
– Апсолутно, ниту како координатор, ниту кој било пратеник од опозицијата за вакви работи има намера да се извинува, нагласи Сугаревски.
На тоа Димовски возврати дека не е изненаден од ваквиот однос на СДСМ, ниту очекувал нешто поразлично.
– Целиот народ ја виде ситуацијата на телевиските екрани и не е дозволиво заради кредибилитетот на Собранието и задржување на човечките односи меѓу пратениците да не прифатите кога ваш пратеник ниско навредува жена пратеник, рече Димовски, заклучувајќи дека СДСМ, за жал, го нема потребниот капацитет.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ претпладнево, кога требаше да продолжи 74. седница, побара еден час пауза, откако претходно изрази разочарување и осуда на вчерашниот вербален инцидент меѓу Шилегов и Авировиќ и побара извинување, не само од Сугаревски како координатор на пратеничката група на СДСМ, туку и од Шилегов. Воедно побара и итно свикување на Клубот на жени пратенички, односно негово произнесување со заклучок за инцидентот.
Претседателот на Собранието Вељаноски рече дека 74. седница ќе продолжи попладнево, по 83. седница. На дневен ред на денешното осмо продолжение на 74. седница се Предлог-законот за амнестија во прво читање, поднесен од Павле Трајанов и Лилјана Поповска, како и Информацијата за енормното загадување на амбиенталниот воздух во Македонија, поднесен од пратеничката група на СДСМ.