Прекин на наставата во струшкото училиште „Јосип Броз“ поради незагреани училници

Од:

Во Централното основно училиште „Јосип Броз“ во Струга  и во подрачните паралелки на ова училиште во селата Враништа и Мислешево наставата денеска е во прекин, поради немање дрво и  нафта за загревање на училниците.

Просториите во ова училиште и во неговите подрачни паралелки во двете села се загреваат на нафта, но заради недостигот од овој енергенс, откако драстично опаднаа темепературите на воздухот, наставата се одвиваше во незагреани училници.

Родителите, како што вели в.д. директорот на ЦОУ „Јосип Броз“ Тони Савески, синоќа одлучиле да не ги испраќаат децата на настава се додека не се добие нафта.

– Одлуката беше донесена синоќа, на  состанокот со 30-тина членови на Советот на родители во нашето училиште, но за овој проблем разговаравме и пред една седмица на состанок со Училишниот одбор. Мора да се изнајде решение за да не учат децата во студени простории, вели Савески.

Како што појаснува тој, денеска наставата е во прекин во централното училиште во Струга, како и во Враништа и Мислешево, а во подрачното училиште  во Радожда кое се затоплува на дрва, децата денеска беа во училишните клупи, зашто добиле огревно дрво.

– Имаме коректен однос со општина Струга. Оттаму ни беше ветено дека денеска  ќе добиеме одредено количество нафта за централното училиште и за двете училишта во Мислешево и Враништа за да може да се одвива наставата без проблеми.  Се надевам дека во текот на денот, ќе ја добиеме. Нам не ни треба огромно количество, туку нафтата може да ја испорачуваат сукцесивно. Важно е постојано да имаме огрев за да нема прекин во часовите, додава Савески.

Општина Струга информира  дека тендерот за набавка на нафта е завршен и оти во текот на наредните денови нафтата ќе биде испорачана во струшките училишта.

„Јосип Броз“ е најголемото основно училиште во општина Струга во кое учат околу 800 деца.

Би можело да ве интересира

Два армиски хеликоптери го гаснат пожарот на планината Јабланица

Предраг Петровиќ

Водата во Струга не е исправна за пиење

Општина Струга на аукција ќе го продава „аудито“ на Мерко, почетната цена e 21.800 евра

Јаневска: Напредувањата во звања мора да се темелат на квалитет

Стружанка почина откако во неа удри товарно возило

Предраг Петровиќ

На две фирми од Велешта им е забрането да вршат ископ во близина на изворите за вода за пиење во Шум

А1он