Заев: Предвремени избори ако за 10 дена нема договор за уставни измени

Од:

За неколку дена ќе се знае дали постои амбиент за постигнување договор со опозицијата за двотретинско мнозинство кое е потребно за да се изгласаат уставните измени во Парламентот кои произлегуват до Договорт за името со Грција, кажа вчера премиерот Зоран Заев.

Тој во изјава дадена по свечениот час на новозапиишаните студенти на ФИНКИ, најави дека од денеска ќе почнат разговорите со опозицијата за да се дознае дали постои можност за договор. Смета дека постои капацитет за одржување предвремени избори кои се, вели, последна опција доколку не се постигне договор.

– Секако дека има капацитет за избори. Законот и Уставот ги предвидуваат следните чекори. Но, се надевам дека ќе успееме да се договориме. Процесите не можат да бидат замрзнати и да стојат на место, работите мора да се движат напред, рече премиерот.

Доколку не се постигне договор и се оди на предвремени избори, според него, изборите ќе се случат брзо, а како термин за нивно организирање го спомна крајот на ноември. Тој напомена оти во целиот тој процес мора да се мисли и на другите рокови, на пример на изборите за Европскиот парламент кои ќе се одржат во мај следната година, а на кој ќе учествува и Грција.

Заев истакна дека во сегашната ситуација реално е сите да покажат политичка зрелост со оглед на тоа што никој не понуди алтернатива на НАТО и ЕУ, ниту пак подобар договор од овој што е постигнат со Грција.

И вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска на заедничката прес-конференција во Владата вчера со вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи најави дека во следните седум до десет дена ќе се направат сите потребни консултации со пратениците и пратеничките групи и ќе се процени дали постојат шанси да се обезбеди двотретинско мнозинство.

– Доколку постојат, сметаме дека Македонија реално ќе добие шанса во брза и ефикасна процедура да ги заврши своите обврски, да обезбеди членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ. Доколку не, мора да ја употребиме втората демократска алатка, а тоа е организирање на предвремени парламентарни избори, појасни Шекеринска.

Двајцата вицепремиери испратија порака дека сега е време кога на Македонија и е потребно единство повеќе од кога било и кога пратениците не треба да донесат партиска, туку лична одлука дали сакаат во ЕУ и НАТО или сакаат изолација.

– Ова е време кога на Македонија и е потребно заедништво повеќе од кога било досега. Пратениците во Собранието на Република Македонија ќе имаат јасен избор – од една страна Македонија во НАТО и ЕУ, а другата страна е изолација и неизвесност. Пратениците очекуваме да ја прифатат пораката од референдумот, да ја преземат својата одговорност и да ја направат Македонија земја во која граѓаните ќе имаат подобри шанси за живеење, рече Шекеринска, додавајќи дека во блиска иднина Македонија нема да има ваква шанса.

Претседтелот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, синоќа, во емисијата Отворено на ТВ Алфа изјави дека пратеничката група е монолитна и останува на ставот дека Договорот не доби легитимитет на референдумот и дека процесот околу договорот по референдумот е завршен.

За предвремени избори вели дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена, но мора претходно да се завршат одредени активности за да се дојде до предвремени избори, а тоа е 100 дена претходно да има влада според Пржинскиот модел.

– Заев ќе се обиде да го прескокне тоа, да толкуваат уставни законски одредби за брзи избори меѓу 45 и 60 дена, но не може да избега од Пржинскиот модел за состав на владата, вели Мицкоски и нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистира на почитување на договореното.

Тој ги повтори обвинувањата дека биле украдени 50 илјади гласови на референдумот, како што рече, насилен и девијантен начин се брутално полнети во кутиите. Ќе прифати, рече, предвремени парламентарни избори само доколку Јавниот обвинител поднесе оставка и биде формирана Анкетна комисија за нерегуларностите на референдумот.

Американскиот Стејт департмент по референдумот соопшти дека САД ги поздравуваат резултатите од спроведеното референдумско гласање во Македонија на кое граѓаните изразија поддршка за членство во НАТО и ЕУ со прифаќање на Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција.

– САД силно ја поддржуваат целосната имплементација на Договорот од Преспа, кој и овозможува на Македонија да го заземе заслуженото место во НАТО и ЕУ, и ќе придонесе кон регионалната стабилност, безбедност и просперитет. Со оглед на тоа што македонскиот Парламент сега започнува со разгледување на уставните измени, ги повикуваме лидерите да се издигнат над партиските политики и да ја искористат оваа историска можност да обезбедат посветла иднина за земјата како полноправен член на западните институции, се наведува во соопштението од Стејт департментот, по одржувањето на референдумот во Македонија.

И високата претставничка за надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, во заедничка декларација, по референдумот порачаа дека огромното мнозинство од граѓаните ја поддржаа спогодбата со Грција и оти сега на потег е Собранието.

– На мирен и демократски начин огромно мнозинство од оние кои го искористија своето право на глас рекоа „да“ за Преспанскиот договор за името и за европскиот пат. Парламентот е сега повикан да продолжи со следните чекори за имеплементација на договорот за името преку одлука за усвојување на уставните промени, пишува во изјавата на Могерини и Хан.

Ова е историска прилика, велат тие, не само за помирување во регионот туку и за одлучно напредување на патот кон ЕУ.

– На сите политички и институционални актери сега е да делуваат во рамките на нивната уставна одговорност надвор од партиските линии. ЕУ ќе продолжи да ја поддржува земјата и нејзините граѓани, порачаа Могерини и Хан.

Би можело да ве интересира

Грузиската Централна изборна комисија ги објави конечните изборни резултати, опозицијата продолжува со протестите

Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори, вели Мицкоски

Филипче: Ние сме подготвени за избори, ќе настапиме многу организирано и многу поуспешно

Објавени се конечните резултати од изборите во Подгорица

Проруската владејачка партија прогласи победа во Грузија, опозицијата излегува на протести

Предраг Петровиќ

Бугарите викендов одат на седми предвремени избори во последните четири години, неизвесно е кој ќе биде иден мандатар