Државата направи напредок и сега има нов свеж почеток кој создаде надеж и оптимизам меѓу граѓаните, во Брисел и земјите – членки на ЕУ. Таа нова енергија создаде нови можности, но наведе и на одредена одговорност кај претставниците на политичките партии и на институциите. Граѓаните очекуваат можност за подобра иднина.
Ова го истакна денеска евроамбасадорот Самуел Жбогар на седницата на Комисијата за европски прашања на која едногласно беше донесена одлука на Собранието да му предложи Декларација за забрзување на реформските и интегративните процеси за зачленување на Република Македонија во ЕУ.
– Граѓаните укажаа во која насока сака да се движат нивните претставници – единство, мирни меѓуетнички односи, реформи и напредок кохн евроатланските интеграции, рече Жбогар. Укажа на улогата на Парламентот во политичкиот дијалог и неопходната дебата, посочувајќи дека е охрабрен од присуството на претставници на сите политички партии и повика на надминување на сите поделби и конфликти. ЕУ и меѓународната заедница, според него, ќе останат партнери на земјата.
Жбогар одговори на тврдењата на пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ дека Македонија досега не почнала преговори за влез во Европската унија само и поради спорот за името и ветото од Грција.
– ЕУ не може да започне преговори со држава која што е опишана како заробена. Тоа го споменавте и јас се обидов да опишам во примери што мислиме под заробена држава и мислам дека ова е главната причина поради која ЕУ не преговара, рече евроамбасадорот.
Милошоски, пак, реплицираше и праша дали Република Македонија беше заробена држава и демократија во 2008, во 2009, во 2010, во 2011 година и зошто ЕК тогаш не ги отпочна преговорите за влез во ЕУ?
– Ние сите добро знаеме зошто не се започнати преговорите помеѓу РМ и ЕУ и зошто дел од одговорноста за некои состојби во нашата држава пред две, пет, осум, единаесет години припаѓаат делумно како одговорност и на ЕУ. Затоа изговорот заробена држава заменете го со јасната дефиниција на заробена европска перспектива заради блокадата од една држава членка на ЕУ, рече Милошоски.
Незапочнувањето на преговорите на Македонија со ЕУ, според пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, нема врска со нашата администрација, здравство, правосудство, демократија или со нашите медиуми.
– Македонија до ден денес нема започнато преговори со Европската унија само заради тоа што се вика Република Македонија и заради тоа што Грција става блокада на секоја препорака од ЕК за почеток на преговорите за членство во ЕУ. И се друго што ќе зборуваме е само дополнителен фолклор, рече Милошоски посочувајќи дека РМ во 2009 и сега е повеќе подготвена за почеток на преговори отколку некои членки на ЕУ кога ги почнувале преговорите. Но, како што кажа, тие имале соседи со друга визија.
Според Милошоски во Македонија нема разлики во стратешките евроатлански интеграции.
Пратеничката Фросина Ременски – Ташевска истакна дека итните реформски приоритети, извештајот на Прибе и сите забелешки кои и се упатуваат на Македонија треба да бидат преточени во конкретни законски решенија и мерки за коишто политичките партии во Собранието треба да изнајдат надпартиски консензус за прашања од интерес за Република Македонија.
– И ова е можеби првиот испит за Република Македонија во Собранието, што треба сите да го положиме, да ја јакнеме меѓупартиската култура и дијалог и да покажеме дека надпартиските интереси за РМ, а тоа се членството во ЕУ и НАТО, можат да доведат до постигнување на консензус за прашања кои се од интерес и за граѓаните и за земјата, рече Ременски. Пратеничката од името на СДСМ апелираше за соработка со сите пратеници во однос на стратешките интереси на РМ за да се нотира позитивниот исчекор во следниот извештај на ЕК, рече пратеничката на СДСМ.
Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи ги информираше пратениците за тоа што е преземено за забрзување на реформските процеси во земјата. Планот содржи две начела и тоа, како што кажа вицепремиерот, адресирање на итните реформи и елиминирање на политичките сензитивни препреки, што подразбира затворање на отворените прашања со соседите, затворање на легислативниот дел од Охридскиот рамковен договор и проблемот со името.
– Олеснувачки факт е дека има позитивна клима за Владата во нашата земја, во регионот, во Брисел, но и меѓу земјите – членки на ЕУ, рече Османи.
Османи рече дека веќе имал средби со сите релеватни институции што треба да ги спроведуваат овие реформи, изгитвен е Драфт акциски план, а локалните избори во октомври ќе биде тест кога треба да се покажеме дека сме поинакви. Следниот извештај на ЕК е во април следната година.