Предлогот на СДСМ за заштеди во Буџетот за 2013-та е разумен и во интерес на сите граѓани

Од:

СДСМ денеска ќе го достави својот предлог за буџетски заштеди за 2013 година, најави потпреседателот на партијата Зоран Јовановски.

„Во изминатите години Владата и создаде многу проблеми на македонската економија. Меѓу другото, го започна фараонскиот проект “Скопје 2014“, во него заглави стотици милиони евра, и трошеше како да нема утре. Проблемот со пари што и недостигаа си го решаваше многу лесно, си позајмуваше во земјата и од странство. Веќе видовме такви примери:

• Во 2009 година Владата позајми од странство 175 милиони евра преку издавање еврообврзница со каматна стапка од речиси 10% годишно со рок на враќање од само 3,5 години. Непостои сериозна капитална инвестиција, која на толку краток рок, за само три години ќе создаде ќар за од неа да се вратат средствата што сте го позајмиле од странство. Значи, парите беа наменети за „сите буџетски потреби“, или народски – отидоа за гасење пожари во буџетот. Патем, да позајмеше тогаш Владата од ММФ ќе платевме 47 милиони евра помалку за камата, што само покажува дека ние веќе имаме случај на милионска штета за граѓаните, со каква што сега Министерот Ставрески и Премиерот Груевски ги плашат граѓаните.

• Во 2011 година, два месеци пред избори Владата повлече 220 милиони евра од ММФ. И повторно, не за сериозни капитални инвестиции, туку за крпење на буџетот.

Ова исто сценарио Владата сака да го повтори и во 2013 година.

СДСМ има цврст и принципиелен став по ова прашање. Досегашното однесување на Владата носи штета за граѓаните, ја загрозува нивната иднина и се заканува Македонија да ја внесе во грчкото сценарио… Ова мора да запре!

Владата мора да се усклади со тешкото време во кое живееме и наместо за својот интерес да почне да мисли на она што е добро за сите граѓани на Република Македонија. Владата сака да ја измести дискусијата, да се занимаваме со тоа како било подобро Владата да позајми, од кого и по која цена. Наместо тоа, треба да видиме дали воопшто има потреба да се прават нови заеми на Владата. Затоа, мора да се свртиме кон државниот буџет, да видиме каде има простор за заштеди.

Предлогот на СДСМ

Како што беше вчера најавено, СДСМ денес ќе поднесе предлог до Владата, за заштеди во буџетот за 2013 година од најмалку 204,8 милиони евра. Од тоа, две третини се заштеди кај т.н. тековни расходи во износ од  132,4 милиони евра, а една третина се заштеди кај т.н. капитални расходи. Веднаш да истакнам, со овој предлог план, сите овие заштеди можат да се направат, а притоа ќе има пари и за зголемувањето на пензиите, социјалната помош, субвенциите за земјоделците и платите на администрацијата.

Заштеди кај тековните расходи во износ од 132,4 милиони евра

Овие заштеди бараат од Владата да се стави во истата тешка положба во која се наоѓаат семејствата денес и со многу подомаќинско однесување да ја истурка наредната година. Во основа има два елементи:

• Ставката Стоки и услуги да се намали за 106,3 милиони евра. Притоа, предлагаме она што се трошело оваа 2012 година да се намали за 10%, сѐ она што не е нужно неопходно да се прави наредната година, да се остави за понатаму.

o Така, наместо зголемување од 18%, како што предвидела Владата, ние предлагаме за 10% да  се намалат службените патувања и парите за дневници.

o За ставките Комунални услуги, греење, комуникација и транспорт, Материјали и ситен инвентар, Поправки и тековно одржување и за Други тековни расходи Владата предвидела пораст на трошоците, во распон од 5% до 27%. Наместо тоа СДСМ предлага трошењето кај сите овие ставки  да се намали за 10%.

o Дополнително, наместо зголемување на трошењето кај ставката Договорни услуги, која е тотално нетранспарентна, предлагаме Владата да го намали трошењето и тоа за 20%. Сигурни сме дека Владата тука има голем простор за штедење. Меѓу другото, тоа значи дека ќе мора да престанат бројните владини реклами и кампањи.

• Ставката Разни трансфери да се намали за 26,1 милиони евра. Тука во голем дел се разни необјаснети трансфери во културата.

Планот предвидува остварување на заштеди и кај капиталните расходи, и тоа во износ од 72,4 милиони евра, што претставува 24% од вкупно проектираните капиталните расходи. Се зафаќа само луксузот и комодитетот на власта, а се врши замрзнување на непродуктивни проекти и проекти кои можат да имаат сомнителен крај.

Заштедите кај капиталните расходи можат да се поделат во 3 групи.

Во првата група е луксузот и комодитетот на власта. Во неа спаѓа купувањето на мебел и возила од страна на власта, со исклучок на автобусите за јавен градски превоз и за возила во здравството, кои потенцираме не се предмет на овој план и нивната реализација останува во буџетот. Понатаму, во оваа прва група влегуваат реконструкцијата на згради на владини органи, доизградбата на зградата на Министерството за финансии, надградбата на управната зграда на Министерството за транспорт и врски и изградбата на Собраниската зграда. Недозволиво е во услови на криза кога индустриското производство 14 месеци по ред паѓа, кога претпријатијата се гушат во неликвидност и кога граѓаните осиромашуваат, власта дури да троши народни пари за да зголеми својот комодитет и луксуз. Вкупната сума на заштеда од оваа група е 12 милиони евра.

Во втората група влегуваат објектите на проектот Скопје 2014. Овде повторно доминираат административните згради на државни органи (Уставен суд, Државен архив, Археолошки музеј, Јавно обвинителство, Финансиска полиција и други). Секако ова е најголемата група. Вкупна сума е 33 милиони евра. Заедно со првата група остварува скоро 2/3 од вкупните заштеди во капиталните расходи или 45 милиони евра. За споредба, во предлог буџетот за 2013 година се предвидува 130 илјади евра за поддршка на малите и средните претпријатија, 8,5 милиони евра за мерките за поттикнување на вработувањето и 4 милиони евра за гасификација, односно заедно за потенцијалниот двигател на економијата, мерките за решавање на невработеноста и гасоводен систем за 3,5 пати помалку отколку за административни згради, музеи и фасади.

Во планот за буџетски заштеди се предлага замрзнување на проектот се додека не се изврши независна ревизија на целокупната документацијата. Инаку воопшто не држи објаснувањето на власта дека овој проект е добра начин за стимулирање на економијата преку градежништвото. Градежната оператива може да биде ангажирана во многу попродуктивни проекти кои ќе остварат мултипликативен ефект врз економијата.

Третата група ја прават капитални расходи во проекти кои не се врвен приоритет во дадените околности, или проекти можат да имаат сомнителен квалитет. Така на пример, не може да се градат нови училишни спортски сали, без претходно изградените сеуште да немаат направен технички прием и греење. Со ова од една страна ќе и се одземе на власта можноста да подели нови тендери, а од друга страна ќе се намали потребата за задолжување на сегашните и идните генерации на македонски граѓани. Овие проекти ќе бидат реализирани кога власта ќе се однесува домаќински.

Како што може да се види, во капиталните расходи, ние не ги чепкаме парите наменети за: каскадни прегради на река Вардар, за Дојранско езеро, водовод и канализација во општините, гасификација, железничка инфраструктура, социјални станови, објектите за социјална заштита, автобусите за јавен градски превоз, студентски домови, медицинска опрема, инфраструктурата во одбраната, и слично. Туку напротив, прифаќањето на планот за буџетски заштеди токму нив ќе ги стави во прв план, бидејќи владата секоја година потфрла во реализацијата на капиталните расходи, а притоа постојано приоритет им дава на административните згради, спомениците, музеите и фасадите.

Иднината на економијата ја прават вложувањата во енергетски објекти, автопатишта и слично, а тие за владата веќе 7 години не се приоритет. Затоа и секоја година слушаме како буџетот е најразвоен досега, а во реалноста гледаме како иднината на земјава се повеќе се руши. Ова мора да се промени.

Заштедата може да биде уште поголема ако парите од јавните претпријатија, како што е ЕЛЕМ, наместо за изградба на скијачки центри, или парите од Агенцијата за електронски комуникации наместо  за аква парк и реклами, се пренасочат за помош на буџетот. Сигурни сме дека доколку Владата навистина се потруди таа може да најде и други, дополнителни заштеди.

Во секој случај, суштината на овој наш предлог е дека Владата треба, преку кратење на непродуктивните и неприоритетните трошоци, да ја отстрани потребата од задолжување, наместо да води политика на безмилосно задолжување по секоја цена.

СДСМ вчера искажа многу јасен политички став. Нека ги направи Владата измените во буџетот што и ги предлагаме, тие се во најдобар интерес на граѓаните, СДСМ веднаш ќе ги повлече амандманите и заеднички ќе го донесеме буџетот“.

Би можело да ве интересира

Ковачевски го призна поразот: Денешниот резултат е разочарувачки, на СДСМ му е зададен тежок удар

Анита Петровска Рајковиќ

ВМРО-ДПМНЕ 227.944 гласови, СДСМ 77.658 гласови од 63% обработени избирачки места

Орце Костов

ВМРО-ДПМНЕ со голема предност пред СДСМ, покажуваат бројките на партијата

(ВИДЕО) Кузеска од СДСМ: Имавме фер и демократски избори, граѓаните покажаа зрелост

Орце Костов

Филипче: На 8 мај гласајте за напредок, стабилност и за европска иднина на државата

СДСМ: Граѓаните масовно да излезат на изборите на осми мај, се одлучува за иднината

Горан Наумовски