Предлог законот за реорганизација на министерствата ќе оди по скратена постапка, веќе денеска пред матичната комисија

Од:

За предложените измени и дополнувања на Законот за организација и работа на органите на државната управа, што ги предложи пратеникот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, треба да заседаваат Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците како матично работно тело и Законодавно-правната комисија, откако денеска Собранието го прифати неговиот предлог да се носат по скратена постапка. Седницата на Комисијата за политички систем е закажана за вечер во 18 часот.

При утврдување на дневниот ред на втората седница на Собранието, поддршка законот да се носи по скратена постапка дадоа 74 пратеници, а против беа 24. Повлекување на предложените измени побараа пратениците од Левица и од СДСМ со образложение дека вакви системски закони не смеат да се носат по скратена постапка.

Мицкоски, кој од вчера е и мандатар за состав на новата влада, барајќи поддршка за законските измени, рече дека се потребни поради реформи во администрацијата и со цел да се решат реалните проблеми на граѓаните со ефиканси политики и одлуки кои ќе донесат подобар животен стандард, повисоки плати, пензии, подобро обрaзование, ефикасна социјална заштита, развиена економија и земјоделие. – За да го направиме ова ни треба добра организација на владата, рече Мицксоки. Тој го поднесе законот во скратена постапка, врз основа на член 71 став 1 од Уставот и членовите 139, 144 и 175 од Деловникот на Собранието.

Побара поддршка од сите пратеници во име на, како што рече, поддршката што ја добивме на изборите и во име на реформите кои што мора да ги направиме. – Коалицијата За твоја Македонија се обврза да преземе активности со цел преиспитување и рационализација на поставеноста на органите на државната управа со можност за спојување или укинување на одредени државни органи. Денес и тоа го правиме преку овој Предлог за измени на Законот, при што очекувам да бидат усвоени во најкраток можен рок согласно деловничките можности, рече Мицкоски.

Според Предлогот, на Министерството за економија ќе му биде додаден сегментот труд, а досегашното Министерството за труд и социјална политика ќе биде министерство за социјална политика, демографија и млади. Агенцијата за млади и спорт нема да постои и ќе има посебно министерство за спорт. Дел од надлежностите кои ги имаше досега министерството за економија во делот на рударството и енергетиката ќе бидат дел од надлежностите на ново министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, ингеренциите за туризмот ќе ги има ново министерството за култура и туризам. Меѓу останатото, ќе се формира и министерство за дигитализација кое ќе ги наследи обврските ба досегашното министерство за информатичка технологија и администрација, а ново ќе биде и министерството за администрација.

На втората седница на новиот законодавен дом беа верификувани мандатите на пратениците Аднан Азизи и Имрлије Салиу-Фетаи од Коалицијата „Вреди“ и беше прифатен прифатен Извештајот на Верификациската комисија која претходно на седница утврди дека нема основ за оспорување на верификацијата на нивните мандати. Азизи е пратеник на местото на тетовскиот градоначалник Билал Касами, чиј мандат на негово барање не беше верификуван на конститутивната седница, а Салиу-Фетаи доби пратенички мандат по прегласување на неколку избирачки места на 22 минатиот месец во Шетстата изборна единица.

Пратениците ја усвоија и одлуката за избор на претседатели, заменици претседатели, членови и нивни заменици на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и на Законодавно правната комисија. Александар Велјановски е претседател на Комисијата за политички систем, а Љупчо Пренџов на Законодавно-правната комисија.

Во процедурално обраќање на седницата, пратеникот од Левица Димитар Апасиев праша зошто претседателот на Собранието Африм Гаши не го ставил како точка на дневен ред барањето што го достави Левица да се констатира престанок на мандатот на пратеникот Талат Џафери поради неспоивост на функцијата премиер и пратеник. Гаши рече дека барањето го примил на 4 јуни и веднаш го препратил до сите пратеници, но не и до собраниската Комисија за деловнички и мандатно имунитетни прашања, бидејќи составот се уште не и е избран. -Во однос на содржината на барањето ви укажувам дека Собранието не може да постапи бидејќи ова барање не е документ по кој ова Собрание може да констатира престанок на мандатот на Талат Џафери, рече Гаши.

Би можело да ве интересира

Собранието ги избра составот на Буџетскиот совет на Собранието и на Советот на Собранискиот канал

До недела на полноќ треба да биде избрана новата влада, Мицкоски ги очекува предлозите за министри од коалициските партнери

Милошоски, Митрески и Бендевска избрани за потпретседатели на Собранието

Горан Наумовски

Милошоски, Митревски и Бендевска кандидати за потпретседатели на Собранието

Горан Наумовски

Собранието со 88 гласа „за“ и 22 „против“ ги донесе измените на Законот за државна управа

Јанчев од Левица: Носење на системски закон по скратена постапка е надвор од памет

Предраг Петровиќ