Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 66. седница го прифати во прво читање Предлог-законот за поддршка на домашната музичка продукција. Со законот државата ќе субвенционира создавање композиции од народна и забавна музика десет години, почнувајќи од 2014 година, за да се стимулира овој вид творештво кое е во опаѓање.
Композициите ќе се избираат на конкурси четири пати во годината, а нив ќе ги спроведува Македонската радиотелевизија. Изборот ќе го прави стручна комисија која, пак, од поширока листа ќе се избира по лотариски принцип. Годишно треба да се субвенционираат 150 композиции од поп и фолк музиката и 50 песни за деца.
Предлог-законот утврдува и износи во зависност од афирмираноста на изведувачот или групата. Има осум категории: Таленти, Афирмиран изведувач, Истакнат изведувач, Врвен изведувач, категорија Ѕвезди, композиции за семејни вредности и многудетни семејства, за афирмирање на историјата и категорија за детски композиции.
Целта на законот е да ги стимулира финансиски изведувачите, а крајниот резултат е музичка продукција со поголем обем и квалитет.
Со законот, кој предвидува десетгодишно субвенционирање, се очекува многу да се подобри состојбата со домашна музика од овие жанрови кои се во пад поради слабата продукција, но и зашто радијата и телевизиите не емитуваат доволно домашна музика.
Со нив треба да се надополни евидентната празнина, и да се овозможи и примена на Законот за медиуми кој бара 30 отсто застапеност на македонска музика.
Примената на субвенционирањето треба да почне од 1 јануари 2014 и да трае до 31 декември 2023 година.
Пратениците во скратена постапка ги усвоија и законите за изменување на Законот за државните службеници, за изменување и дополнување на Законот за јавните службеници, за изменување на Законот за земјоделското земјиште, за изменување и дополнување на Законот за квалитетот на земјоделските производи, за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој, за изменување и дополнување на Законот за виното, за изменување и дополнување на Законот за судски такси, и за изменување и дополнување на Законот за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост, поднесен од група пратеници, сите по скратена постапка.
Собранието не ги прифати предлог-законите за подмирување на паричните обврски, за заштита од пушењето и за изменување на Законот за трансформација на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија, поднесени од пратеникот Ивон Величковски од ЛП.
Пратениците на денешната седница без расправа ги усвоија годишните извештаи на Агенцијата за супервизија на осигурување за состојбата и движењата на пазарот за осигурување во Република Македонија во 2012 година, за работењето на Агенцијата за супервизија на осигурување во 2012 година, финансиските извештаи на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2012 година, Годишниот извештај за работењето и извршените ревизии на Државниот завод за ревизија во 2012 година, Годишниот извештај за работата на Судскиот совет на Република Македонија за 2012 година, како и Извештајот за реализација на Годишната програма за работа и развој за 2012 година на Агенцијата за цивилно воздухопловство.
Во рамки на 66. седница пратениците ги разгледаа и усвоија одлуките за користење на средства од концесискиот надоместок за користење на аеродромите во Република Македонија за 2012 година, за давање согласност на Предлогот за изменување на Годишниот финансиски план на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2013 година и за давање согласнот на Статутарната одлука за изменување и дополнување на Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.