За помалку од два месеци по сообраќајниците низ Полог регистрирани се 120 сообраќајни несреќи во кои учествувале возила со странски регистерски ознаки. За непочитување на прописите во сообраќајот, со глоби се соочиле речиси сто возачи.
Најголемиот број на возачи кои учествувале во „сообраќајките“ се лица кои потекнуваат од Македонија и престојуваат во родниот крај, вели портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.
– Најчести причини за овие несреќи биле пребрзо возење и неправилно вршење дејствие, како и погрешно паркирање. Најголемиот број од несреќите завршиле само со причинета материјална штета. Она што е карктеристично е податокот дека најмногу од возилата со странски ознаки биле предизвикувачи на несреќите, појаснува Јосифоски.
Според анализите на СВР Тетово, во текот на јули и август годинава, на поширокото тетовско подрачје вкупно регистрирани се 75 сообраќајни несреќи, во кои непосредно учествувале возила со странски регистерски ознаки. На гостиварското подрачје, вкупниот број на ваквите сообраќајни несреќи во јули и август, заклучно со 18-ти, изнесува 45.
Во овој период, заради најразлични прекршоци направени од возила со странски ознаки по тетовските сообраќаници, изготвени се 51 мандатен и 2 прекршочни платни налози. Четириесет и три од налозите се веќе наплатени, додека 10 се уште се во законски предвидената процедура.