Со утринскиот сабах намаз во четириесеттината џамии во дебарското муфтиство, кое ги опфаќа општините Дебар, Центар Жупа и подрачјето на Река, почна одбележувањето на големиот муслимански празник Курбан Бајрам.
Главната празнична церемонија се одржа во новата Саат кула џамија во Дебар, каде сабах намаз глањаше имамот Роил Крифца додека бајрам намаз Зибер Љата.
Верниците, мажи, по традиција, по намазот, ги посетија вечните почивалишта на нивните најблиски, по што, до пладне одат во посета на роднини и пријатели, а по семејниот ручек, тоа го прават жените.
Раздвиженоста е многу поголема од претходниот, Рамазан Бајрам, бидејќу тука се уште се неколку илјади печалбари.
Препладнево голем број семејства од поширокото дебарско подрачје принесуваат курбан ,по што месото се распределува на посиромашни семејства. За овој празник според сточарите во трите општини продадени се околу 2.000 грла овни и помал број телиња, кои се колат за курбан.
Овој празник уште се нарекува и Аџи Бајрам, бидејќи во светите места Мека и Медина се реализира и петтиот столб од исламот-аџилакот. Од дебарското муфтиство, годинава на аџилак се 26 верници.
По традиција денеска и во наредните три дена покрај меѓусебната посета на верниците од исламска религија, нивни гости ќе бидат и оние од православна веросиповест,како што тоа во овие краишта е со векови.
Дебарскиот муфтија Хаџи Рамазан Ефеди Хаса и градоначалниците на Дебар,Ружди Љата, на Маврово Ростуше, Медат Куртовски и на Центар Жупа, Аријан Ибраим, по повод празникот упатија честитки со желби за добро здравје, мир, разбирање, благосотојба и продолжување на вековната верска толеранција и соживот по кои е препознатлив овој крај.