„Во Министерството за правда, наместо конкренти амандмани и предлози за законскиот текст за Јавното обвинителство, денеска од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пристигна документ за Законот за Јавното обвинителство, насловен како „Принципи и насоки на ВМРО-ДПМНЕ во донесувањето на Закон за Јавното обвинителство“.
Во него се наброени меѓународни документи, од кои дел не се однесуваат на Јавното обвинителство, а останатиот дел се веќе имплементирани во истиот закон. Согласно средбата на работна група, ВМРО-ДПМНЕ требаше да достави конкретни амандмани со кои би се понудиле алтернативни решенија на Предлог-законот, кој е во собраниска процедура.
Очигледно, ВМРО-ДПМНЕ во недостаток на аргументи и подобри решенија за одредбите кои се однесуваат на Јавното обвинителство во целина, одбра есеистички пристап со единствена цел да го одолговлечи процесот на носење на Законот за Јавното обвинителство.
Во документот се содржани три барања и тоа:
1. Избор на Јавниот обвинител по предлог на опозицијата, за кое барање ги упатуваме да ги погледнат решенијата содржани во нашиот Устав, каде е прецизирано кој го предлага Јавниот обвинител и со какво мнозинство се избира.
2. Прекинување на сите постапки кои се покренати од СЈО по 30 јуни 2017 година, што практично значи признавање на постоење на криминал и барање на амнестија за истиот.
3. Барање за организирање на СЈО како одделение во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, што всушност значи разводнување на капацитите кои СЈО веќе ги поседува и ослабување на ефикасните механизми за борба против криминалот и корупцијата.
Во рамките на третото барање е содржан предлог за “испитување на претходни коруптивни и инкриминирани дејствија кои за македонската јавност останаа неразјаснети“. Во врска со ова барање, потсетуваме дека Законот за Јавното обвинителство содржи одредби со кои СЈО ќе биде овластено да гони коруптивни дела сторени од сите јавни функционери и таа надлежност ќе има право да ја врши како за идни кривични дека, така и за сите минати кривични дела кои не се застарени.
Со досегашниот несериозен однос во процесот на носење на Законот за Јавното обвинителство, ВМРО-ДПМНЕ покажа дека амнестијата на сторители на сериозни кривични дела од редовите на нивната партија им е поважна цел од европската иднина на нашите граѓани“, се вели во соопштението на Министерство за правда.