Пратениците денеска во рамки на 85-та собраниска седница расправаа по Предлог-закон за изменување на Законот за заштита од пушењето, во прво читање, поднесен од пратеници од опозицијата.
Расправата по оваа точка продолжува и на утрешното продолжение на 85-та седница на Собранието на Република Македонија.
Пратеникот Томислав Тунтев од СДСМ, во образложението на Предлог-законот нагласи дека измените се однесуваат само за кафулиња, кафетерии, ноќни барови, кабареа, диско клубови кои инвестирале надвор од основниот објект односно за летните тераси. Тој констатира дека со овој предлог треба да се изедначат, како што рече, сопствениците на угостителските објекти пред законот. Тунтев посочи дека во земјите од ЕУ постои категоризирање и тоа целосна забрана за пушење во затворен простор, потоа обезбедувае одвоени простории за пушење и делумна забрана за пушење во затворен простор. Од вкупно 28 држави од ЕУ, подвлече тој, целосна забрана има само во 9 држави, а во 19 држави од ЕУ има или забрана со обезбедување простории за пушење или делумна забрана со обележување соодветни пушачки зони.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Горан Сугаревски посочи Законот за заштита од пушење треба да постои и тоа, рече, не е спорно. Предлог-измените, истакна, се однесуваат само на надворешниот дел односно на затворените делови од објектите, во кои, внатре е забрането пушење. Според него, економските параметри покажуваат дека повеќе од 70 проценти е намален прометот во кафулињата, дискотеките…, а еден од параметрите за тоа е и забраната за пушење.
Според пратеникот од ВМРО – ДПМНЕ Сашо Василевски, Предлог-законот за изменување на Законот за заштита од пушењето поднесен од пратениците од СДСМ е популизам. Тој смета дека се работи за здравјето на луѓето и тука, потенцира, нема компромис. Предложи да се организира јавна расправа со експертска јавност, претставници од ЕУ, лекари кои индиректно се занимаваат со оваа проблематика… со цел да се носат позитивни законски решенија.
СДСМ, смета пратеникот Влатко Ѓорчев, предлагаат закони кои се штетни за вкупниот интерес на граѓаните на Република Македонија односно со овој предлог, истакна, се против здравјето на граѓаните и не бираат средства за додворување.
– Вие сте подготвени да го жртвувате здравјето на граѓаните и да ја вратите Македонија со децении назад. Она што го предлагате се критериуми какви што може да има во Зимбабве, а ние предлагаме закони какви што има во Европа, Скандинавија…,рече пратеникот Ѓорчев додавајќи оти СДСМ немаат конзистентен став.
Андон Чибишев и како пратеник и како лекар оцени дека постоечкиот законот е добар и треба да се продолжи со негова примена таков каков што е.