Од политичките „бомби“, преку Договоро во Пржино, до специјалното јавно обвинителство, пратениците дискутираа за се, но не и за новите членови на Државната изборна комисија што едногласно ги изгласаа на крајот на денешната собраниска седница. Со 102 гласа „за“ и ниту еден против, Собранието го изгласа новиот состав на ДИК.
Со оваа одлука Комисија надлежна за изборите ќе брои девет члена. Од нив двајца се на предлог на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, двајца на предлог на СДСМ, еден на предлог на ДУИ, еден на предлог на ДПА и тројца независни експерти за кои се договорија партиите на лидерската средба што се одржа ден претходно. Од редот експерти е новиот претседател, Александар Чичаковски, како и потпретседателот Реџеп Прекопуца.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева влегува во составот на ДИК, а парламентот денеска го констатираше престанокот на нејзиниот мандат. На собраниското столче ќе ја замени Мирјана Кузмановска од ИЕ 4, а во Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето на нејзинот место ќе седне пратеникот Иван Иванов.
За имињата и биографиите на новите членови на ДИК не стана ни збор на денешната седница. Пратениците се препукуваа, меѓусебно се обвинуваа за политичката криза, се служеа со ситно политиканство и обвинувања, но вооопшто не говореа за составот на Комисија или дали има време да ги реализира договорените обврски.
Пратениците од двете најголеми политички партии се обвинуваа меѓу себе кој е виновен за политичката криза што ја зафати државата. На тврдењето на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, дека опозициската партија ја предизвикала, Горан Сугаревски од СДСМ реплицираше.
-ВМРО-ДПМНЕ ја предизвика кризата како што беше објавено во проектот „Вистината за Македонија“ со „бомбите“ каде имаше флагрантно кршење од секаков вид. 20.000 граѓани беа прислушувани од оваа бандитска власт. Затоа сте вие Милошоски денеска член на Анкетна комисија која го носи името „скандал со прислушувањето“ и го повикувате премиерот кој го криете да сведочи. Зошто го криете ако ја зборува вистината? Поради кризата која ја предизвикавте има специјално јавно обвинителство во оваа држава. Немојте други да обвинувата дека ја предизвикале. Умот ве лаже ако мислите дека умрени лица ќе имате на избирачки список и дека ќе победите пак на криминални избори. Ваков башибозук и арамилук ни било ни ќе биде – рече Сугаревски.
Милошоски возврати дека СДСМ се свесни дека ќе ги изгубат следните избори и затоа, рече, се шири нервоза во нивните редови.
-Договорете се со вашиот претседател Заев колку граѓани се прислушувани. Ние сакаме да дознаеме кој прислушувал и кој се стекнал неовластено со прислушуваните разговори. Секој кој што губи има право да се лути, но откако ќе изгуби, а не предвреме да покажувате нервоза – рече тој.
На тоа Сугаревски му порача на пратеникот да го праша премиерот, Никола Груевски, како се одвивало прислушувањето во МВР и кој се бил прислушуван и го праша зошто тоа прашање не му било поставено на премиерот за време на неговото сведочење во Анкетната.
Пратеникот од дијаспората Павле Саздов, кој е и член на Анкетна, реагираше дека сведочењето на Груевски, е државна тајна затоа што се одржа на затворена седница.
-Колегите не смееле да ве информираат што сме го прашувале премиерот. Но Заев ќе дојде на сослушување и ќе ни каже како упаднал со своите инсталации во УБК – рече тој.
За едно се изборивме сепак, му одговори Сугаревски на Саздов, за тоа што со 500 гласа ти повеќе нема да бидеш пратеник во ова Собрание.
Сугаревски додаде дека Саздов има одговорност за она што се случувало во Управата затоа што неколку години е член на собраниската комисија која врши надзор над УБК.
-Ти Павле го чуваше системот и го виде упадот. Две години си член на таа Комисија. Но тешко на тој систем што ти си го чувал – порача Сугаревски.
Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ им рече на пратениците од СДСМ дека „секој пат кога ќе им зажежи, тие плачат кај амбасадорите“. Горан Мисовски од НСДСП, пак, цитираше извадоци од објавените „бомби“ за да укаже на партизираноста во институциите и на причините за политичка криза.
-Можеме ли да се договорите да немаме повеќе избори каде еден премиер договара напад на Општина Центар, да се договориме да нема повеќе изборен процес во кој координатор на ВМРО-ДПМНЕ ќе му се жали на премиерот дека пратеник рекетира фирми? – Мисовски го праша Димовски на што доби одговор дека се на различни страни и затоа не можат да се договорат.
Маја Васева