Јосифовски до Ѓорчев: Како вие добивте информации што нас никој не ни ги дава?

Од:

Пратеничката група на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ по втор пат одби да поддржи амнестија на осуденици за кривични дела, овој пат преку отфрлање на предлог закон поднесен од независните пратеници, Павле Трајанов и Лилјана Поповска. На матичната собраниска Комисија седум пратеници од ВМРО-ДПМНЕ гласаа против предлог-законот да се даде на понатамошно читање, а тројца пратеници од опозицијата гласаа „за“. Предлагачите очекуваат законот да не ја добие потребната поддршка ниту на пленарна седница, со што по втор пат во рок од два месеци Собранието ќе одбие закон за амнестија.

За време на расправата во матичната Комисија предлагачите ги нападнаа институциите дека се партизирани, дека во Македонија има политички затвореници и монтирани процеси во спрега на полицијата, обвинителството и судството, дека затворите се пренатрупани и дека стотици невини луѓе одлежуваат казна. Поповска ги спореди затворите со турски зандани, а Трајанов ги спомна контроверзните процеси како „Ровер“, „Агент“, „Фаланга“, „Детонатор“ и „Шпион“.

-Самото Министерство за правда се жали на преголем број осудени лица. Имаме сериозен проблем со нашиот правосуден систем и законот треба да придонесе кон намалување на неправдата. Имаме 3,5 пати поголем број затвореници, или 3.500 повеќе од било кога. Како сме дошле до тоа? Сигурно не сме станале покримогена нација. Имаме ненормални казни со лажни сведоци или без никакви сведоци. Како може обвинителите да опстојуваат на тврдењата и во случај кога сите докази се побиени, а сведоците се повлекле? Како таквите обвинители не даваат оставка и зошто Советот за јавни обвинители не покренува постапка против нив? Па уште и на крај судијата замижува со очите кога не постојат докази за поткрепа на обвинението и уништуваат животи на поединци и на фамилии. Постојат докази дека имаме огромен број на затвореници кои не треба да бидат таму – рече Поповска.

Има неправда и огромен број на граѓани одлежуваат затворски казни како резултат на разнишаниот кредибилитет на судството, рече Трајанов.

-Имаме фабрикувани докази кои ги презентираат обвинители со намален кредибилитет. На судија кој одлучува за ПИМ мерки му даваат да се потпише на документ без да го види предметот и од тоа подоцна се заснова судската одлука. Имаме проблем затоа што целиот систем е таков, под политичко влијание и немаме друг начин на тие луѓе да им помогнеме. Со амнестијата треба да се корегира неправдата, тоа е така во сите држави. Го имаме случајот „Агент“ каде поради одмазда му се судеше на поранешниот директор на безбедност и разузнавање. Случајот против Љубе Бошковски, „Ровер“, излезе на виделина како е направен и замислен. Во моментов немаме системско решение како да ја корегираме неправдата – рече тој.

Без ВМРО-ДПМНЕ, додаде Трајанов, Собранието не може да го донесе законот и затоа апелираше до пратениците самостојно да размислуваат.

-Да им дадеме шанса на затворениците да се реанимираат во општеството. Подготвени сме да да прифатиме амандмани кои би биле издржани – порача лидерот на Демократски сојуз.

Опозициските партии се изјаснија дека ќе го поддржат законот, а само пратениците од ВМРО-ДПМНЕ отворено рекоа дека се против. Претседателот на Комисијата и пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, тоа го преформулира во „делумно против“.

Ѓорчев презентираше бројка од 981 затвореници на кои би им се намалила казната доколку законот биде усвоен. Меѓу нив пратеникот ги наброја и осудениците за полов напад, изживување, силување и тероризам иако во посебна одредба од текстот на законот стои дека овие случаи нема да бидат амнестирани.

Пратениците имаа месец и пол да го прочитаат и да го анализираат предложениот текст кој Трајанов го поднесе во првата половина од номеври.

-За телесна повреда би било ослободени 6 лица, за тешка телесна повреда 36 лица, осудени за киднапирање ќе бидат ослободени 4 лица, за спречување во гласачко право на избори ќе бидат ослободени 3 лица, за тешка кражба ослободени 308 лица, за разбојништво 97 лица, за измама 41 лице, тешки дела против општата сигурност 3 лица. Не би било добро за безбедноста во нашите улици да пратиме ваква порака со усвојувањето на законот. Ајде да ги прашаме семејствата на жртвите што мислат за овој закон – рече Ѓорчев.

Пратеникот и претседател на ЛДП, Горан Милевски му реплицираше на Ѓорчев дека тие нема да бидат ослободени, туку дека со законот ќе биде намалена нивната казна.

-Тие секако еден ден ќе излезат на слобода, нема вечно да ги држите во затвор – рече тој.

Пратеникот од НСДП, Љубомир Јосифовски, пак, праша, од каде му се на Ѓорчев деталните информации за профилот на затвореници кои издржуваат казна во моментов, но не доби одговор.

-Не гледам во вас ни тронка емпатија. Ја губите суштината и во вашите набројувања настојувате да ја спинувате целта. Главниот проблем се условите во затворите кои вие ги уредувате. Ние од Министерството побаравме информации но не успеавме да ги добиеме ниту од таму, ниту од надлежните институции. Како вие ги добивте овие информации, тоа треба да ни го објасните, како пратеник ги добивте или од друга позиција? – праша Јосифовски.

По се изгледа законот нема да помине, а според предлагачите овој закон треба да помогне во ресоцијализација на сторителите на кривични дела, во создавање услови за добивање втора шанса на дел од затворската популација, во кориграње на т.н. судски грешки (манливи судски пресуди), како и во финансиско растеретување на Буџетот на РМ, во поглед на одржувањето на затворската популација.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

Митрески: Борбата за работничките права не престанува никогаш

А1он

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов

Не е донесен Законот за игри на среќа, постапката заврши

Катерина Ѓуровски