Пратениците кои ја бојкотираат работата на Собранието односно пратениците од СДСМ, НСДП, ЛП, ПЕИ, СЛ и од НДП, како и други пратеници дел од нивните пратенички групи, почнувајќи од 1.1.2013 година ќе земаат плата во висина од 1/3 (една третина) од платата која им е исплатена во последниот месец, се додека ја бојкотираат работата на Собранието на Република Македонија.
Ова денеска го соопшти Собранието на Република Македонија, по одржаната редовна координација на претседателот на Собранието со потпретседателите на Собранието и координаторите на пратеничките групи, на 31 декември 2012 година.
На средбата, како што е наведено во соопштението, покрај за тековните активности на Собранието за периодот кој следи, присутните разговарале и за активирање на член 1 од Законот за дополнување на Законот за пратениците (Службен весник на РМ бр. 51 од 13.4.2011 година), односно за трите става кои предвидуваат висината на платата на пратеник кој не учествува во работата на Собранието (бојкотира) по јавно дадена изјава на пратеничка група чиј член е дека пратеничка група нема да учествува во работата на Собранието (бојкотира) изнесува една третина од платата која му е исплатена во последниот месец.
Висината на платата од ставот 2 на овој член се однесува и на пратеник кој не учествува во работата на Собранието на Република Македонија (бојкотира) по негова јавно дадена изјава дека нема да учествува во работата на Собранието на Република Македонија (бојкотира).
Примената на ставовите 2 и 3 од овој член, се подвлекува во соопштението, ја уредува претседателот на Собранието на Република Македонија, а одделни решенија носи Комисијата за прашањата на изборите и именувањата.
Согласно овие законски одредби, на координативната средба станало збор и за неопходноста од работата на формираниот правен тим во насока на документирање на сите аспекти за случувањата од 24 декември, како и од детектирање на одговорностите како последица на постапките, кои го нарушија угледот и достоинството на Собранието на Република Македонија.
По иницијатива на претседателот Трајко Вељаноски, на координацијата било заклучено дека треба веднаш да се продолжи со имплементацијата на мерките и проектите за јакнење на вкупниот парламентарен капацитет на Собранието на Република Македонија согласно одредниците од Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија во делот на Собранието на Република Македонија и современите меѓународни парламентарни стандарди и практики.
Во насока на континуирана и забрзана имплементација, Вељаноски ги известил присутните дека веднаш ќе даде задолженија за реализација на заклученото.
Присутните на координацијата постигнале согласност и за потребата од евидентирање на штетата направена при опструирањето на работата во неколку наврати на Законодавно-праваната комисија, при узурпирањето на фоајето пред Сала 1 на 23 и 24 декември, како и при недоличното однесување во пленарната сала на Собранието на 24 декември, кога како последица на непримерно однесување на пратениците од опозицијата беше нанесена и поголема штета на системот за гласање, мониторите на претседавачката маса, озвучувањето, како и на севкупната техника која овозможува нормално функционирање и реализирање на една пленарна седница.
Законот за дополнување на Законот за пратениците Собранието го донесе на 147. седница одржана на 11.4.2011 година.