Пожарите на отворен простор под контрола, активни само уште три

Од:

Состојбата со пожарите на отворен простор полека се става под контрола, а од Центарот за управување со кризи (ЦУК) порачуваат дека човечкиот фактор е најчеста причина за избувнувањето на пожарите низ земјава, било да станува збор за намерно или ненамерно потпалување. Во моментов активни се само три од вкупно 106-те поголеми шумски пожари од кои најлош беше оној во Малешевијата кај Берово, Пехчево и Делчево што е успешно изгаснат.

Од ЦУК за рано утринава најавија дека ќе преземат активности за локализирање на пожарот над село Безгаштево помеѓу Берово и Струмица накај село Нивичани на браната Турија што се реактивираше вчера попладне на тешко пристапен терен. Токму тоа беше причината што вчера веднаш не се интервенираше, бидејќи, како што посочија од ЦУК, на екипите им требаат три часа за да стигнат до местото на пожарот.

Еден македонски и еден црногорски хеликоптер вчера попладне го гаснеа пожарот во Општина Сарај кај селата Раовиќ и Буковиќ иако веќе е локализиран во делот на селото Раовиќ. Во интервенцијата од воздух, на потегот село Буковиќ, село Чајлане кон Матка, беа ангажирани 26 луѓе од Воздухопловниот винг со еден македонски армиски хеликоптер и еден хеликоптер на Република Црна Гора.

Активен, но со слаб интензитет е и пожарот во атарот на селата Ракле, Никодин и Топлица во Општина Прилеп. Пожарот е приземен на непристапен терен и гори лисната постилка и сува трева. Во високиот дел има чадење, но според ЦУК не постои опасност за проширување.

Веќе е ставен под контрола пожарот во атарот на демиркапиското село Барово иако во внатрешноста на опожареното подрачје се уште постојат поедини места каде што се забележува чадење.

За превенција и откривање на сторителите и спречување на подметнување на пожари на отворен простор МВР засилено настапува на терен и има ангажирано преку 600 полициски службеници. Досега во гасењето на пожарите учествуваа полициски службеници од специјалните единици, а беше ангажиран и хеликоптер на МВР.

Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов вчера информира дека досега се изгорени десетина објекти, пред се, стари куќи и придружни објекти, како што се штали, плевни и слично и изгорен е покрив на куќа во Кочани.

– Од страна на општините се формирани комисии кои детално ќе ја утврдат штетата и граѓаните ќе бидат праведно обесштетени. Воедно и Владата е овде ако има некаде поголема штета да ја надомести. Но, во овој момент слободно можеме да констатираме дека штетите во населените места, во селата и градовите се навистина мали имајќи го во предвид обемот на пожарите кои ја зафатија државата, рече Ангелов.

Според него, свесноста на граѓаните е на многу повисоко ниво, односно тие значително повеќе внимаваат и не се појавуваат често како ненамерен фактор за појава на пожари.

– Со овие активности беше подигната и целосна забрана за движење во шуми, мерка која помогна за намалување на бројот на пожарите и која овие денови ја разгледуваме и доколку е стабилна состојбата ќе побараме од страна на Национални шуми да биде тргната или намалена, односно движењето низ шуми да биде само со дозвола, информира вчера Ангелов.

Би можело да ве интересира

Левица: Шумите изгореа, а власта го крати буџетот

По четири дена изгаснат е пожарот на планината Беласица

Пожарот на Беласица синоќа се приближил кон црквата во селото Смоларе

Локализиран е пожарот на планината Беласица

Спасен давеник од Дојранско езеро

Спасен повреден мотоциклист кој паднал во провалија на Шар Планина