Повторно доцни исплатата на матичните лекари. За месец јуни, според договорите, требало да бидат исплатени до крајот на август, но пари се уште немаат, а ординациите секојдневно велат дека им се полни.
Од Фондот за здравствено осигурување уверуваат дека парите им се исплатени на сите кои имале уредна документација, но овој месец имало многу повеќе ординации со нецелосни документи или проблеми во подрачните единици на Фондот во однос на претходните месеци.
„Секој месец од многу причини има матични лекари кај кои исплатата доцни. Причините се тоа што испраќаат погрешни фактури, не направиле точни пресметки, недостасуваат документи, а се случува, иако поретко, постапката да ја забави и подрачната единица на Фондот за здравствено осигурување, да не направи навреме ликвидација и слично, па исплатата да доцни. Различно, овој месец во однос на претходните, е што процентот на ординации со вакви проблеми е многу поголем. Претходно вакви проблеми се јавуваа кај 5 -6 отсто од ординациите, а сега тој процент се искачи на 10 отсто. Останатите деведесет отсто беа исплатени на 3 септември“, вели Ирфан Лимани, директор на Секторот за комуникација и административна поддршка во Фондот за здравствено осигурување.
Тој уверува дека сите проблеми кои се појавиле во исплатата кај неисплатените матични лекари ќе бидат надминати и до крајот на оваа работна недела ќе ги добијат парите.
Матичните лекари, пак, кои се во постојан контакт едни со други, тврдат дека бројката на неисплатени ординации е многу голема и уверуваат дека немале пропусти во подготовката на документација. Од подрачните единици ги препраќале одговори за доцнењето да бараат во републичкиот Фонд, а таму пак никој не ги удостојувал ниту со кревање слушалка.
Последното доцнење на кое се пожалија матичните лекари беше во април, за време на најсилниот бран на коронивирус. Тогаш, директорот на Фондот, Стево Крстевски, објасни дека исплатата доцни поради проблем во софтверското решение кој немало кој да го поправи оти информатичарите се разболеле и повика матичните лекари да бидат толерантни.