Повикот на Фронтот за слобода на изразување стигна до пратениците на Европскиот парламент

Од:

Повикот на Фронтот за Слобода на изразувањето го пренесе и ЕДРИ–Асоцијатата за европски дигитални права, составена од 31 организација од 21 европска земја преку редовното издание ЕДРИ-грам, кое освен на веб страната се дистрибуира и во форма на билтен до пратениците во Европскиот Парламент и други институции на ниво на ЕУ.

Реакцијата на законите за медиуми во Македонија е во билтенот кој се дистрибуира до нив.

Во повикот Фронтот за слобода побара да се повлечат законот за медиуми и законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, бидејќи преку нив дополнително ќе се загрози слободата на говор во Македонија, особено со неоправданото опфаќање на печатените и интернет-медиумите со нови регулативи.

Во повикот кој ќе го добијат и пратениците на европскиот парламент пишува:

Голем дел од прашањата што овие закони наводно ги решаваат се веќе опфатени со Законот за радиодифузија, Кривичниот законик и Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета. Едновремено, новите медиумски закони игнорираат клучни фактори што овозможуваат корупција на медиумите со јавни пари и некарактеристично за демократски општества, се мешаат во сферата на саморегулација на новинарската професија.

За неприфатлива ја сметаме постапката на предлагачот на новото медиумско законодавство, да глуми јавна расправа и конструктивност, да ги носи странските стручњаци консултирани во подготовката на законите, а по нивното заминување, со амандмани поднесени од пратениците од владејачкото мнозинство, да ги врати во игра сите проблематични одредби што наводно беа сменети или исфрлени од предлог-законот за медиуми и предлог-законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Предложените закони, во сегашната верзија, можат само да ја зацврстат контролата што власта ја има врз најголемиот дел од медиумите во Македонија. Дополнително, давањето надлежност на новата, семоќна Агенција за аудио и аудиовизуелни медиуми, и врз печатените и онлајн медиумите, ја открива намерата да се воспостави контрола и врз овие медиумски сектори.

Предложените закони не прават ништо да ја уредат или елиминираат постојната пракса на делење на таканаречените „владини реклами“, што е основен инструмент за корумпирање на медиумската сцена. Напротив, со предложените измени во член 92 од Предлог-законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, власта си обезбеди и нов извор на средства што ќе може да се пренасочуваат кон пријателските медиуми, по критериуми што не ги знаеме и допрва треба да се усвојат.

За останатите медиуми, наместо морковот, тука е стапот во форма на казнените одредби кои, освен што предвидуваат казни превисоки за нашиот стандард, можат да бидат предмет на арбитрарна одлука на еден човек, директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми. Директорот на Агенцијата прераснува во вистински „медиумски цар“ кој според сопствената волја ќе одлучува за судбините на медиумите во Македонија.

Иако, предложените закони никаде не го користат зборот „цензура“, по својот дух и со решенијата што ги нудат, прават нешто уште пострашно: ги принудуваат и ги насочуваат медиумите и новинарите кон само-цензура, која ќе биде единствена гаранција дека ќе можат да опстанат на таканаречениот „медиумски пазар“ во Македонија. Тоа, од гледна точка на слободата на изразување е далеку полоша и поопасна ситуација.

Фронтот за слобода на изразувањето е широка платформа составена од поединци, организации, институции и неформални групи кои функционираат како неформална мрежа со заедничка цел – зачувување и унапредување на основното човеково право – слободата на изразување, првенствено во Република Македонија, но и секаде во светот.

Фронтот го сочинуваат следните граѓански организации:

Хелсиншки комитет за човекови права на РМ, Центар за развој на медиуми (ЦРМ), Метаморфозис, фондација за интернет и општество, Цивил – Центар за слобода, Фондација Отворено општество Македонија (ФООМ), НВО Инфоцентар, Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“- Скопје, Македонски центар за европско образование (МЦЕО), Јавност – Центар за нови политики и слобода на медиуми, Јадро – Асоцијација на независна културна сцена, Здружение на граѓани Контрапункт.

Би можело да ве интересира

ФООМ донира 100 илјади долари за најзагрозените ромски семејства

Ана Ололовска

ФООМ додели награди за средношколци и наставници

Ана Ололовска

ФООМ бара итно повлекување на законската измена за заменици директори во јавните претпријатија

Наум Локоски

ФООМ – 25 години поддршка за силни и активни граѓани и демократско општество

Ана Ололовска

НОВУС го заврши сетот на обуки за запознавање на младите со европските политики и институции

Ана Ололовска

Фондацијата „Отворено општество“ бара официјална потврда од ЈО за истрагите против НВО секторот

Ана Ололовска