Поттикнување на креативно размислување кај младите

Од:

Министерката за образование и наука, Рената Дескоска, и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, денеска на прес-конференција го презентираа Јавниот повик за финансирање на научно-истражувачки проекти во основните и средните училишта „Предизвик за млади истражувачи“.

„Поддршката и развојот на креативниот и иновативен потенцијал кај поединецот е суштинска основа за градење општество базирано на знаење, претприемништво и иновации и за создавање стабилен и конкурентен економски систем. Tоа e една од приоритетните и стратешки определби на Владата на Република Македонија, a Министерството за образование преку Фондот за иновации и технолошки развој денеска отвора нов повик ‘Предизвик за млади истражувачи’, преку кој со вкупен буџет од 1,5 милиони денари ќе се финансираат научно-истражувачки проекти од областа на природните и техничките науки“ – изјави министерката Дескоска.

„Почнуваме иницијатива, проект кој води кон менување на општествената свест. Со ‘Предизвик за млади истражувачи’, сакаме да го поттикнеме критичкото и креативното размислување кај младите, да ја негуваме нивната љубопитност за осознавање на светот, на начин на кој ќе ги преиспитува однапред дефинираните вистини, тоа е целта на повикот“ – вели Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.

Согласно со јавниот повик, научно-истражувачките проекти треба да бидат од областите на природните и техничките науки, а процесот на истражување треба да се основа на „научен метод“, односно да вклучува формулација, тестирање и потврда/модификација на хипотеза по пат на експеримент и набљудување, а предложените проекти треба да резултираат со видливи резултати и тие треба да се комплементарни на наставните програми и да соодветствуваат со когнитивните способности на возрасната група.

За најуспешните истражувачи се предвидени и награди како поттик за понатамошна успешна научна работа. Наградите се поделени во две категории, односно категорија 1: Научно-истражувачки проекти во основното образование и категорија 2: Научно-истражувачки проекти во средното образование. Буџетот на поединечен предлог проект не може да надминува 300 000,00 (триста илјади) денари.

На јавниот повик можат да се пријават сите основни и средни училишта од Република Македонија, при што секој натпреварувач треба да се пријави со натпреварувачки тим кој се состои од: еден до два наставника, како лидери на проектот и три до седум ученици. Предност имаат проектите со интердисциплинарен карактер, кои предвидуваат инклузивен пристап во формирањето на тимовите (имаат еднаква родова застапеност, вклучуваат деца со различна етничка припадност, деца со посебни потреби, деца од различни возрасти и слично) и се поднесени од училишта од рурални средини.

Секој предлог-проект ќе биде оценуван од Комисијата за оценување и избор, составена од претставник на Фондот за иновации и технолошки развој, претставник на Министерството за образование и наука, претставник од Бирото за развој на образованието, претставник од партнер организација и до три експерта во областа на техничкото решение (технички науки, природни науки и друго).

Пријавувањето на Предизвикот за млади научници трае до 15.02.2018 година.

Би можело да ве интересира

Јаневска: МОН со закон ќе го официјализира дуалното образование

МОН: Над 1.000 асистенти во новата учебна година ќе бидат поддршка на учениците со попреченост

МОН: Од утре ќе се исплаќа неисплатената финансиска поддршка за основци и средношколци

МОН: Нов електронски дневник за работа на училиштата, по тестирањето ќе почне неговата официјална примена

Горан Наумовски

МОН со препорака за скратени часови и со насоки за заштита на учениците од високите температури

МОН: Наставата наместо во саботи ќе се надомести во работни денови