Принципите на меѓународното хуманитарно право имаат универзална важнот. Сепак, нивното опстојување не е засекогаш загарантирано и бара постојан напор. Правото кое постојано се крши без тоа да предизвика јасна реакција ризикува да ја изгуби својата важност со текот на времето. Последиците за жртвите на вооружените конфликти кои би настанале не можат ниту да се замислат.
Ова се наведува во колумната, што по повод 150 години од првата Женевска конвенција, заеднички ја потпишаа претседателот на Швајцарската Конфедерација Дидие Буркхалтер и претседателот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) Петер Маурер.
Целта на колумната е подигање на свеста кај пошироката јавност за важноста од поголемо почитување на меѓународното хуманитарно право. Во неа тие повикуваат на подоследно придржување кон овој принцип поради, како што оценуваат, недостиг на ефективни механизми за негова примена низ светот.
Токму поради тоа Швајцарија и МКЦК од 2012 година водат разговори со сите земји за да се изнајде најдобриот начин да се подобри почитувањето на меѓународното право. Нивната работа, како што велат, се базира на мандатот доделен од страна на 31. Меѓународна конференција на Црвениот крст и Црвената полумесечина.
Тие се убедени дека на државите им е потребен форум каде што заеднички ќе може да одлучуваат за мерките потребни за да се постигне поголемо почитување на меѓународното хуманитарно право. Тие треба да имаат редовни и систематски дискусии за тоа како ги исполнуваат своите обврски.
– Форумот би им помогнал на државите постепено да добијат општа слика за тоа како се исполнуваат овие обврски и како се пристапува кон предизиците што произлегуваат. Врз оваа основа конечно државите ќе можат да преземат чекори за зајкнување на примената на законот. На пример, помаѓајќи си меѓусебно за развивање на вештините и капацитетите потребни за исполнување на нивните обврски. Тие, исто така, би можеле меѓусебно да се информираат за новостите и да разменуваат мислења за најефективните мерки за справување со оваа комплексна задача, се наведува во колумната.
Форумот на држави, се наведува, би создал и услови потребни да се гарантира дека новите форми на делување ќе бидат диктирани од законот, а не обратно. Затоа, велат, е потребен редовен дијалог за актуелните прашања од областа на меѓународното хуманитарно право.
– Исто така, е важно државите да располагаат со соодветен инструмент за одговор на сериозни кршења на меѓународното хуманитарно право, за превенција на такви кривични дела во иднина и за заштита на цивилното население од понатамошно страдање. Особено би бил соодветен, оценуваат, механизам за истражување на причините на овие прекршувања.
Швајцарија и МКЦК согласно нивниот мандат, ќе достават конкретни препораки за основање на таков форум на 32. Меѓународна конференција на Црвениот крст и Црвената полумесечина која што ќе се одржи во Женева кон крајот на 2015 година.
Првата Женевска конвенција за подобрување на условите на повредените и болните во воени судири на копно беше усвоена на 22 август 1864 година за да биде загарантиран одреден минимален степен на хуманост за време на војни. Со промената на начинот на војување денес, каде цивилите се главните жртви на вооружените конфликти, Меѓународното хуманитарно право беше прилагодено на оваа промена и по страдањата од Втората светска војна во 1949 беа донесени четири Женевски конвенции. Со овие конвенции е договорена опсежна заштита за оние лица кои не учествуваат повеќе во непријателствата – повредени и болни војници, воени затвореници и цивили. Во 1997 и 2005 година беа донесени и три дополнителни протоколи кон овие конвенции.