Директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување директорот, Никола Мемов, министерот за правда, Игор Филков и претседателката на Комората на извршители, Весна Деловска потпишаа Меморандум за соработка со цел зголемување на ефикасноста во работата и оптимизација на ресурсите на Фондот на ПИОМ, доследна примена на законот за извршување и транспарентност на процесот.
Со Меморандумот се уредува начинот на соработка помеѓу Фондот и Комората преку контрола, електронско разменување на податоци за лицата-должници за кои е поведена постапка за присилно извршување пред надлежен извршител.
„Со потпишувањето на овој Меморандум правиме чекор напред во зголемувањето на ефикасноста во работата на Фондот, бидејќи досега трошевме ресурси и луѓе за спроведувањето на налозите од извршителите.
Со него ќе се овозможи подобра и побрза размена на податоците кои им се потребни на извршителите и се исклучува влијанието на човечкиот фактор во постапката“, рече директорот на Фондот, Никола Мемов.
Тој додаде дека со примената на Меморандумот ќе се намали и потребата Фондот да одговара на разни прашања и барања од интерес на извршителите, а кои на месечно ниво се повеќе од 2000. Отсега извршителите ќе можат овие информации сами да ги обезбедат од системот на Фондот.
„Со потпишувањето на овој Меморандум се штити и буџетот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување од наплата на средстсва од страна на извршителите, кои согласно член 146 од Законот за извршување, можат да ги наплатат од Фондот во име на пензионерите како должници“, потенцира Мемов.
„Како Комора на извршители многу сме задоволни што директорот на Фондот, Мемов веднаш ја прифати иницијативата со која извршителите ќе имаат електронски начин на пристап до податоците на Фондот преку порталот на владата uslugi.gov.mk, со што ќе се придонесе во поефикасното извршување на налозите, ќе се оневозможат грешки и ќе се воспостави ред во извршувањето на истите“, рече претседателката на Комората на извршители, Весна Деловска.
Меморандумот овозможува извршителите сами, директно да ги внесуваат налозите за извршување во системот на ПИОМ, по претходно донесено извршно решение. Извршителите се носители на јавни овластувања и како што имаат можност да ги внесуваат налозите за извршување во банките за сите граѓани, сега таа можност ќе ја имаат и за пензиионерите во системот на Фондот на ПИОМ. Со ова се придонесува за доследна примена на Законот за извршување.
„Склучувањето на овој Меморандум за поблиска соработка помеѓу Фондот, Комората и Министерството за правда придонесува во зајакнувањето на институционалната соработка, намалувањето на административните пречки и се гарантира фер и законито постапување,“ нагласи министерот за правда Филков.
Со Меморандумот се предвидува извршителите да имаат авторизиран пристап на порталот на Фондот и да можат самостојно да ги користат податоците коишто им се потребни согласно законските надлежности и јавните овластувања.