Камен-темелник на црква, која ќе го носи името „Св. Тројца“, е поставен денеска во велешкото село Иванковци.
Овој христијански обред на поставување камен-темелник на црква го изведе митрополитот Повардарски Агатангел во сослужение со свештеници од Епархијата Повардарска.
Црквата ја гради ктиторот Грозде со семејството по потекло од Иванковци, а кој живее во странство и со подршка од жителите на Иванковци и Епархијата Повардарска од Велес.
Прота-ставрофор Славе Јованов истакна дека ова е голем ден за жителите од ова населено место во кое првпат се гради црква и воопшто православен христијански храм.
– Според кажувањата на постарите жители токму на овој ден точно пред 100 години во селото Иванковци се населиле православни христијани. Пред тоа во селото живеело турско население. Иако во изминатите години имало повеќе обиди денеска првпат се почнува изградба на црква во ова населено место. Во селото има селски гробишта, но нема црква. Поради тоа потребата од црква на жителите е повеќе од неопходна. Затоа тие очекуваат со божји благослов црквата „Св Тројца“ наскоро да биде изградена и пуштена во употреба за изведување на сите православни христијански обреди, рече прота-ставрофор Јованов.