Последниот извештај за квалитетот на водата за пиење во Гостивар, изработен од Центарот за јавно здравје – Гостивар на 13 јули, покажувал дека водата е безбедна за употреба. Само три дена подоцна, на 16 јули, институциите ги откриле нелегалните пумпи на водоводниот систем, во момент кога во гостиварските болници веќе беа пријавени стотици случаи на труење.
Ова денеска го потврди директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, кој рече дека последниот официјален извештај пред кризата покажувал исправна вода.
„Последниот извештај за водата во Гостивар е од 13 јули годинава од Центарот за јавно здравје – Гостивар и тогаш водата била безбедна за пиење“, рече Миланов.
Тој нагласи дека во моментов водата во Гостивар не смее да се користи ниту за пиење, ниту за подготовка на храна, сè до добивањето на конечните лабораториски резултати.
На прашањето како функционираат рестораните, кафулињата, градинките, болниците и другите установи во услови на забрана за користење на водата, Миланов рече дека инспекторите на Агенцијата вршат засилени контроли.
„Самите ресторани се должни да обезбедат техничка вода. Сè што доаѓа во контакт со храната, приборот и подготовката на храната мора да биде обезбедено со безбедна вода. Доколку се утврдат неправилности, тие ќе сносат одговорност и ќе бидат санкционирани. Ова важи и за болниците, домовите и јавните установи“, изјави тој.
Во врска со информациите што ги објави Обвинителството, според кои во водата биле пронајдени 2.419 колиформни бактерии на 100 милилитри, Миланов рече дека нема да ги коментира бројките додека не завршат лабораториските анализи.
„Тоа е предмет на истрага на МВР, криминалистичката полиција и Основното јавно обвинителство. Осомничените ќе бидат испитани и ќе треба да ги образложат причините за своите постапки. Она што секој разумен човек го знае е дека вакво нешто не смеело да се случи“, рече директорот.
На прашањето дали нелегалниот приклучок бил поставен за зголемување на притисокот во водоводната мрежа, Миланов повтори дека причините ќе ги утврдат истражните органи.
Според него, Владата и домашните производители на флаширана вода веќе обезбедуваат дополнителни количини вода за граѓаните.
„Според информациите што ги имам, Владата обезбедила околу 50 тони вода, а производителите на флаширана вода веќе вршат дистрибуција кон граѓаните“, рече Миланов, додавајќи дека се преземаат активности за дезинфекција и прочистување на водоводниот систем за што поскоро да се воспостави безбедно водоснабдување.
