Кумановската полиција до надлежното Основно јавно обвинителство поднела кривична пријава против три лица поради сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Станува збор за лицата А.А. (57) поранешен градоначалник на општина Крива Паланка, Л.З.(56) во својство на претседател на Управен одбор во детската градинка „Детелинка“ од Крива Паланка и Л.В. (39) во улога на вршител на должност директор на детската градинка.
Како што информираат од МВР, поранешниот градоначалник на општината, во три наврати ја злоупотребил службената положба. Во првиот случај, А.А. попречил вршење на инспекциски надзор за утврдување на одговорност на вработена воспитувачка во детската градинка „Детелинка“, по пријавен настан за малтретирање на дете и со тоа постапил спротивно од Законот за заштита на децата на незаконски начин.
Веднаш потоа, без објавување на јавен оглас и без одлука на управниот одбор на градинката од Крива Паланка, со решение ја разрешил поранешната директорка која го пријавила споменатиот настан и на местото вршител на должност директор ја назначил Л.В. иако знаел дека немала лиценца за директор и немала работно искуство за вршење на функцијата. А.А. по втор пат ја злоупотребил службената положба кога по истекот на мандатот на Л.В. и овозможил со поминат рок на решението да ја извршува функцијата уште два месеци, иако негова должност била три месеци пред истекот на мандатот да донесе одлука за распишување на оглас за избор на директор на градинката.
А.А. по трет пат ја злоупотребил службената положба, кога по одлуката на Управен одбор по распишан оглас за избор на директор на детската градинка била отфлена пријавата на Л.В. поради неисполнување на условите и наместо да го поништи јавниот конкурс и не ја прифати одлуката на Управниот одбор повторно да биде избрана поранешна директорка поради прикривање на пријавениот настан за што и била разрешена, истиот повторно со решение ја поставил за директор на градинката.
Л.З., во својство на претседател на Управниот одбор во градинката, во два наврати ја злоупотребила службената положба и овластување, на начин што го прифатила решението за избор на вршител на должност директор на детската градинка „Детелинка“ од Крива Паланка донесено од страна на А.А. иако знаела дека Л.В. не ги исполнува условите, а по истекот на мандатот од шесет месеци воопшто не го известила А.А. дека бил поминат рокот за вршител на должност на Л.В. Таа и по втор пат ја злоупотребила службената положба кога повторно без објавен јавен оглас и без одлука на Управниот одбор го прифатила Решението со што на Л.В. и било овозможено и понатаму да ја извршува оваа функција без соодветни квалификации и без лиценца за положен испит за директор.
Л.В., во својство вршител на должноста директор на детската градинка „Детелинка“ од Крива Паланка во периодот од 22-ри декември 2015-та година се до нејзиното разрешување на 04 август 2017-та година, ја злоупотребила службената положба и овластување на начин што три месеци пред истекот на мандатот на 22-ри јуни 2016-та година не го известила градоначалникот за денот на завршување на мандатот за да може да донесе одлука и Управниот одбор на градинката да распише јавен оглас за избор на директор. Л.В. ја извршувала оваа функција до 04-ти август 2017-та кога со Решение била разрешена поради неисполнети услови за директор по објавен оглас за избор на директор. На тој начин таа се стекнала со противправна имотна корист од 508.100 денари.