Пораки до Скопје и Софија да се ангажираат за решение, а времето да се искористи и за интензивирање на реформите

Од:

Интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија нема алтернатива, а со цел деблокирање на усогласувањето на преговарачката рамка за земјата важно е да се работи со Бугарија на надминување на разликите и времето да се искористи земјата да го забрза процесот на реформите, порачаа вчера шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Дејвид Гир и германската амбасадорка Анке Холштајн.

Гир во интервју за МИА посочува дека нема план Б, туку целта е пристапување на Северна Македонија во Европската Унија. Оптимист е, вели, и она што сега следува е усогласување на Преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција, што всушност ќе го отпочне самиот процес на преговори.

– Овие разговори продолжуваат во Брисел и навистина португалското претседателство се обврза дека ќе го помогне и ќе го турка процесот. Во меѓувреме, она што е важно, е Северна Македонија, заедно со Бугарија, билатерално да се ангажираат во обид да изнајдат решение што е прифатливо за двете страни, коешто ќе овозможи ситуацијата да оди напред, подвлече Гир.

На прашањето дека очигледно за ЕУ е хендикеп вклучувањето на билатералните спорови во процесот на проширување, а особено е опасно историјата да стане предуслов за членство, Гир вели дека во овој случај важен е фокусот на две работи – Северна Македонија и Бугарија да го решат спорот на билатерална основа и земјава да ги забрза реформите.

– Нема да одам во детали за тоа што е дискутирано. Важно е да се фокусираме на она што е важно во овој случај. Две работи се неопходни – првата е Република Северна Македонија и Бугарија да продолжат да се ангажираат да ги решат своите прашања на билатерална основа и второ – во меѓувреме Владата тука да го имплементира и да го забрза реформскиот процес. Зошто тоа е важно – прво, заради тоа што е од најголема важност за граѓаните, но второ реформите, и реформите поврзани со ЕУ се најбрзиот начин да се приближите и да се приклучите кон европското семејство, дециден е Гир.

Според германската амбасадорка Холштајн, меѓу Северна Македонија и Бугарија има добрососедски односи, а постои и Договор за добрососедство, кој што треба да се исполни со живот и консеквентно да се спроведе. Холштајн истакнува дека Германија и натаму ќе остане силен поддржувач на Северна Македонија. Важно е, порачува таа, да се искористи времето за реформи и Европа да се донесе во Северна Македонија.

Претседателот на Владата Зоран Заев вчера порача дека Владата има единствен став за дијалогот со Бугарија, а тоа е во овој период да работи на Акцискиот план, кој значи создавање позитивна клима, унапредување на соработката, но и позитивна клима за политичките прашања.

Тој потенцира и дека ние не смееме да си дозволиме да испратиме порака дека за нас постои алтернативно решение, освен полноправното членство во ЕУ, кое го поддржуваат 75 отсто од граѓаните.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи вчера во рамки на официјалната посета на Црна Гора, порача дека процесот на проширување на ЕУ нема алтернатива, не само за земјите од Западен Балкан, туку и за државите од ЕУ и оти без разлика на предизвиците со кои сме соочени и на актуелната политичка конјуктура, процесот на заокружување и комплетирање на ЕУ е неминовност и затоа тука не се поставува прашањето дали, туку кога.

– Со оглед на напредокот и подготвеноста сметам дека Северна Македонија требаше да ги почне преговорите за време на германското претседателство минатата година и овој неуспех го сметам во најмала рака заеднички неуспех и на ЕУ иако тоа беше силна порака која предизвика длабоко разочарување, но сепак тоа не не обесхрабри и како што гледате активно продолжуваме да придонесуваме во европската идеја на Балканот и за европската перспектива, како на нашата земја така и на целиот регион, рече Османи на заедничката прес-сконференција во Подгорица со неговиот домаќин и црногорски колега Ѓорѓе Радуловиќ.

Тој се осврна и на, како што рече охрабрувачките пораки за проширувањето од страна на португалското претседателство со ЕУ во однос на почетокот на преговорите со Унијата, како и на следното претседателство на Словенија во втората половина од годината, која е земја непосреден сосед во регионот и гласен поддржувач на процесот на проширување.

Во контекст на евроинтеграцијата, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров вчера ја потпиша Рамковната спогодба за превод на правото на ЕУ (acquis), како еден од најважните предуслови за членство на земјава во Европската Унија.

Според вицепремиерот Димитров, acquis-то или правото на Европската Унија, е корпус на заеднички права и обврски што се обврзувачки за сите земји членки на ЕУ, а земјите кандидатки мора да го транспонираат во националното законодавство како темел на европската интеграција.

– Ако овој термин, acquis, во корените на своето значење од францускиот јазик, всушност претставува „знаење, стекнато право или наследство“, преку неговиот превод на македонски јазик ние создаваме наследство за нашата иднина и иднината на нашите поколенија. Наследство кое значи дека македонскиот јазик ќе стане рамноправен член во семејството на Европската Унија, нагласи Димитров.

Тој потенцира дека СЕП интензивно започнува со една од фазите на транспозиција на правото на ЕУ во националното законодавство, а тоа е преводот, кој во случајов ќе биде многугодишен и најобемно реализиран превод воопшто во историјата на специјализираниот превод кај нас. За таа цел, по пат на јавна набавка и транспарентно, врз основа на еднаков третман беа избрани 15 економски оператори за превод, кои ќе треба да испорачаат најквалитетни резултати во контекст на превод на правото на ЕУ.

Во меѓувреме, Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања помеѓу Северна Македонија и Бугарија, постигна напредок на вчерашната онлајн средба, на која се дискутираше за усогласување на содржината во записниците од деветтата и десеттата средба.

Како што соопштија за МИА извори од Комисијата, двете страни ја усогласија содржината на Записникот од деветтата средба, а во однос на 10-та средба беа надминати неколку прашања поврзани со содржината на записникот. Во периодот до наредната редовна средба, која начелно е договорена да се одржи на 25 и 26 февруари, ќе се продолжи со работа во однос на останатите прашања од записникот од 10-та и за записникот од последната, 11-та средба на Комисијата.

Годинава се очекува Комисијата да има пет состаноци. Претходниот, 11-ти состанок на Заедничката комисија се одржа на 4 декември, минатата година.

Би можело да ве интересира

Нова провокација во клучен момент – Бугарското МНР за реакциите во земјава за децата од „Мал битолски Монмартр“

Катерина Ѓуровски

Бербок: Договорената промена на Уставот да не се користи во натпреварот за популарност или да добивка на изборите

Македонската телевизија не се емитува во Бугарија, Ковачевски ќе бара одговор од МНР зошто

Катерина Ѓуровски

Ковачевски: Законот за здруженија ќе биде проверен од ЕУ во текот на скринингот

Орце Костов

(ВИДЕО) Османи: Ако се тргнат провокациите од Софија, македонските граѓани би почувствувале топлина од Бугарија

Орце Костов

(ВИДЕО) Османи: Ќе предложам до Владата Законот за здруженија да го испрати до Венецијанската комисија

Орце Костов