Поглаварот на Исламската верска заедница во Македонија Сулејман ефенди Реџепи по повод Рамазан Бајрам упати порака до верниците од муслиманска вероисповед.
– О Алаху мој, Господаре наш, спушти ни софра од небо, да ни биде празник и за првите од нас и за последните од нас, и знаменија од Тебе. Снабди не. А ти си од снабдувачите Најдобар! (ел Маиде 114). Почитувани верници! Браќа и сестри! Само што минавме уште еден Рамазан, еден месец со многу молитви и ибадети, еден месец во кој што се потврдивме и се исполнивме себеси со издржливост, љубов, сочувство кон човекот, со спремност да си помогнеме еден на друг.Основната порака на овој свет месец е само добрината, благосостојба за сите и чекорењето исклучиво по патот што ни го осветлил нашиот Творец! Го величевме овој Месец, бидејќи Самиот Алах џ. ш. го величел одредувајќи свети датуми кои што не постојат во другите месеци на годината. Над се, во овој месец е објавен Светиот Куран, одреден е патот на честа и на моралот, на чистотата, на искрената верба, одредени се законите на љубовта, на почитта, на хуманоста, беше поставен темелот на благосостојбата, беше јасно покажано колку е лесно постигнувањето на мирот и соживотот, колку е величествена различноста што ни ја подарил Творецот на Световите.
Браќа и сестри, почитувани верници. Денес ни е празник, го славиме Рамазан Бајрам, празник што го изразува нашето задоволство што сме муслимани, верници на Исламот, празник што го изразува нашиот понос и нашата благодарност кон Семоќниот Алах што ни ги овозможи сите овие задоволства што се доживуваат само во текот на месецот Рамазан во кој што постевме и се молевме за среќа и бериќет, како за нас така и за сиот свет. Со таква чиста душа да продолжиме и денес, пружајќи рака еден на друг, да се загрлиме како браќа, да ја израдуваме софрата на сиромашните, да ја зголемиме љубовта и грижата кон сирачињата, за нашите родители, за нашите семејства.
Браќа и сестри, почитувани верници, денес е празник, го славиме Рамазан Бајрам! Молејќи го од се срце Милоствиот Алах да ни ги прими постот и сите молитви и ибадети, ви пожелувам среќен и бериќетен Рамазан Бајрам! Мирот, милоста и благословот на Алах џ.ш. нека бдеат секогаш над вас!, се наведува во пораката на поглаварот на ИВЗ Сулејман ефефенди Реџепи по повод Рамазан Бајрам.