Тимчо Муцунски не е предложен за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ на две општини, Босилово и Аеродром, како што стои во документ испратен до Државната изборна комисија кој се споделува на социјалните мрежи.
Од партијата за „А1он“ велат дека документот не е монтажа, се работи за техничка грешка, а објавата на документот со домашна адреса на кандидатот за градоначалник сметаат дека е грубо прекршување на Законот за заштита на лични податоци.
Објаснуваат дека грешката е направена само на писмото кое било дополнување на испратените кандидатури. Во останатите документи прецизно било посочено дека Муцунски е кандидат за Аеродром.
Од партијата укажуваат дека е загрижувачки што некој од Општинската изборна комисија, каде што се испратени документите заедно со погрешното писмо, се охрабрил не само да ги фотографира туку и да ги објави.
„Тимчо Муцунски е кандидат и иден градоначалник на Општина Аеродром. Она што е вистинско прашање е како документи со лични податоци излегоа од државна институција, што претставува кривично дело“, изјави советникот во Град Скопје од ВМРО – ДПМНЕ, Луке Галески, кого Муцунски го посочи како лице задолжено за контакт со медиуми.
Рокот за поднесување на кандидатурите истече викендов, а Општинските изборни комисии најдоцна до 18 септември треба да ги потврдат кандидатурите.