Поради расипана локомотива трет ден не сообраќа возот Скопје-Битола преку Велес и Прилеп. Возот вчера попладне во 14:30 часот не тргна од Железничката станица во Скопје, поради што и утрово не сообраќаше возот од Битола за Скопје преку Прилеп и Велес.
На велешката железничка станица утрово втор ден го немаше „битолскиот воз“ во 5:46 поради што реагираа патниците од Велес, а посебно од селата на Азот кој со овој воз се превезуваат на работа или училиште во Скопје. Од железничката станица во Велес во 7:51часот не тргна и возот кон Богомила и Битола. Денеска на железничката станица во Велес со задоцнување пристигна возот од Гевгелија, но сепак замина за Скопје. Како што информираат од велешката железничка станица, возот од Скопје за Гевгелија во Велес пристигнал во 7:50, а потоа заминал за Градско таму ги чекал патниците и во Велес тргнал во 8:30 часот, наместо во 6:27 часот.
Причината за доцнењето на возот Гевгелија-Скопје и обратно преку Велес, како што информираат од Македонски железници е поради напукнат бетонски столб на мост на Црна Река на линијата Гевгелија-Велес помеѓу железничките станици Кукуричани-Градско во близина на Стоби. Железничкиот сообраќај на овој патен правец целосно е во прекин од вчера попладне од 15:25 часот, информираа од ЦУК, според информацијата добиена од Македонски железници.
-Но патничкиот сообраќај сепак се одвива со „префрлување“ –со автобуски превоз.Конкретно од Скопје возовите сообраќаат до Градско,додека од Гевгелија сообраќаат до Криволак.Од наведените железнички станици Градско и Криволак патниците се превезуваат со автобуски превоз, појаснуваат од Македонски железници поради што и овој воз утрово доцнеше во Велес.
Како што информираат од Македонски железници, поради расипаната локомотива на која се работи најверојатно и денеска попладне од 14:30 часот од железничката станица Скопје нема да тргне возот Скопје-Битола преку Велес. Тоа ќе значи дека и утре изутрина ќе го нема „битолскиот“ воз од Битола преку Прилеп и Велес за Скопје.