Поради позитивен ученик, од денес во изолација цело одделение од ООУ„Љубен Лапе“ во Аеродром

Од:

Цела паралелка од осмо одделение во основното училиште „Љубен Лапе“ во Аеродром од денес е во изолација поради ученик кој добил позитивен резултат на коронавирус, а вчера бил на првиот училиштен ден. Вчера попладне се пожалил на главоболка, а денес родителите го известиле училиштето дека е позитивен, па сите негови соученици добиле порака во следните две недели да не доаѓаат на училиште и да чекаат понатамошни инструкции околу наставата.

Родителите на учениците се жалат дека изолацијата им е одредена на децата паушално, без да се направат анкети за тоа кој каде седел во однос на позитивното другарче, колку време биле заедно, како што беше најавено пред почетокот на школската година.

„Поминале заедно едвај еден час, толку им траеше наставата вчера. Сите носеле маски, а моето дете кажува дека воопшто не се ни доближило до позитивниот ученик во тој еден час, но сега мора да оди во изолација. Предложивме на свој трошок да направиме тестови за да не ги затвораме децата, да може да продолжат барем со воншколските активности, но задолжениот епидемиолог рече дека дозволено е да не одат во изолација само оние кои ќе покажат документ дека прележале коронавирус во последните 90 дена или ќе покажат комплетна вакцинација“, вели родител на едно од децата во изолација.

Изолацијата на цело одделение покренала и многу други прашања, како што се дали браќа и сестри на изолираните деца можат да одат на настава, зошто децата се во изолација, а родителите можат слободно да се шетаат, зошто не се тестираат децата за да може да продолжат со настава оние кои се негативни на вирусот и ред други прашања на кои родителите бараат одговори кои ги нема во протоколот за постапување на основните училишта за наставата со физичко присуство.

Од Министерството за здравство велат дека не е предвидено тестирање на сите ученици кои одат во изолација оти ставот на епидемиолозите е дека не се вршат тестирања при контакт, туку тестирање се прави ако се појават симптоми, независно дали станува збор за дете или за возрасен.

Од таму уверуваат дека нема да бидат во изолација сите ученици иако денес сите добиле пораки да не доаѓаат на училиште.

„Не постојат решенија за изолација за цело одделение во наведеното училиште, бидејќи во тек се епидемиолошки анкети. Во училиштето ’Љубен Лапе’ еден ученик имал покачена температура, но во тек се  анкетите во кои се вклучени повеќе епидемиолози и ќе се одреди изолација само за оние деца како што налага протоколот, но не за цело одделение доколку тоа не е потребно“, велат од Министерството за здравство за „А1он“.

Решенијата за изолација кои учениците ќе ги добијат од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, од Министерството за здравство велат дека не може да се прекинат, без разлика дали е добиен позитивен или негативен тест, и тоа важи за сите возрасти.

Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Иринка Сотирова-Бухова, за „А1он“ изјави дека учениците кои треба да останат во изолација ќе ги добијат решенијата најдоцна утре оти во тек се епидемиолошките анкети.

„Епидемиолошките анкети, без разлика дали се работи за ученици или за други позитивни лица или нивни контакти, Државниот санитарен и здравствен инспекторат ги добива од Центарот за јавно здравје. Како ги завршуваат епидемиолошките анкети така ни ги испраќаат за да ги изработиме решенија за изолација. Оние кои нема да добијат решение за изолација во истиот ден кога лицето е потврдено за позитивно  ќе го добијат решението следниот ден“, рече директорката Сотирова- Бухова.

Од Министерството за здравство остануваат на ставот дека тестирања за Ковид- 19 во училиштата ќе има секогаш кога ќе има индикација за тоа, а индикацијата ја поставува лекар епидемиолог, бидејќи епидемиолошката анкета го давала најрелевантниот податок кој и кога треба да се тестира.

Освен за одделението од „Љубен Лапе“, од Министерството велат дека епидемиолозите прават анкети и во други училишта каде [to ученици при влез во училиште имале покачена телесна температура.

Би можело да ве интересира

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

Орце Костов

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски

Три години откако СЗО прогласи пандемија од Ковид-19, вирусот се уште присутен, но со намален интензитет

Ана Ололовска

Најзаразниот сој досега, „кракен“, не е откриен кај нас, но последната анализа е направена на 5 декември

Осум починати, 196 нови случаи на Ковид-19 минатата недела

Ана Ололовска