За една и пол година (2017 до јуни 2018 година) во скопскиот кривичен суд биле одложени 672 судења, од кои во Одделот за организиран криминал и корупција, биле одложени 650 поради отсуство на обвинител, покажаа податоците до кои дојде „Макфакс“ преку барање за слободен пристап до информации од јавен карактер. Таков е случајот со судењата за шарената револуција, каде рочишта се одлагаат на барање на обвинителките. На последното рочиште за предметот „Маѓар Телеком“ не се појави обвинителот Ермон Незири.
Од скопска единица велат: „Ве известуваме дека по извршени проверки во АКМИС системот, беше утврдено дека во горенаведениот период поради отсуство на јавен обвинител во Одделот за организиран криминал и корупција при овој суд, биле одложени 22 главни расправи, а во Кривичниот оддел за полнолетни биле одложени вкупно 650 главни расправи“.
Сашо Рајчев, шефот на скопското обвинителство за „Макфакс“ изјави дека причина за одлагањето на рочиштатата, меѓу другото, е недостигот обвинители, како и техничко-кадровските капацитети на институцијата која треба кривично да гони.
„По постојните одлуки за систематизација што ги носи Советот на јавните обвинители, во Основното јавно обвинителство Скопје се предвидени 61 јавен обвинител. Во 2017 година до денеска, пополнети се 46 места на јавни обвинители, од причина што 8 јавни обвинители се избрани во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, 5 јавни обвинители се избрани во СЈО, што значи на 13 јавни обвинители им мирува функцијата во ОЈО Скопје, а две места се непополнети“, вели Рајчев.
Тој додава дека според постојните законски прописи во моментот не постои обејктивна можност тие места да бидат пополнети, бидејќи во согласност со Законот за јавното обвинителство, јавни обвинители во првостепените јавни обвинителства, може да бидат избрани од Советот на јавни обвинители, исклучиво од Академијата за судии и јавни обвинители, а во моментов нема такви кандидати за избор.
„Во тек е обука на нова генерација кандидати за судии и јавни обвинители, кои својата обука ќе ја завршат во 2019 година, а услови за нивен избор ќе се создадат во втората половина од крајот на 2019 година. Дотогаш објективно доколку не дојде до промена на законските прописи, и тоа како на Законот за јавното обвинителство, така и на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители не постои објективна можност, овие места да бидат пополнети“, додава шефот на ОЈО Скопје.
Рајчев за „Макфакс“ објасни дека со примена на Законот за кривичната постапка од 1 декември 2013 година, обемот на работа на Јавното обвинителство е зголемена најмалку за трипати, во смисла што обвинителот раководи со предистражната постапка, дава наредби за обезбедување законити докази до правосудната полиција, во која влегуваат МВР, Царинската управа и Управата финансиската полиција, ја води истражната постапка и товарот на докажување во текот на главната расправа на поднесените обвиненија е на главниот обвинител.„ Еден стручен соработник работи со тројца до четворица обвинители, обвинителите често немаат записничари…“, вели Рајчев.
Шефот на скопското обвинитеслтво потенцира дека обвинителите водат предитраги, истраги, дежураат, а во исто време треба да се појавуваат на судски рочишта за предметите. И товарот на докажување во текот на главната расправа по поднесените обвиненија е на јавниот обвинител, а претходно по стариот ЗКП, судот беше тој што ги изведуваше доказите.
Во април 2018 година, изготвена е анализа со сите податоци и за обемот на работа, и за недостатигот на кадар. За ова се известени јавниот обвинител на РМ, Советот на јавни обвинители и министерката за правда, но досега нема промени.
Васко Маглешов